Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека поставувањето крст на Попова Шапка е „предизборна игра“ која, рече, најверојатно е договорена помеѓу „националистички сили кои се обидуваат да ги злоупотребат верата и верските чувства во предизборен натпревар“ и да предизвикаат меѓуетнички и меѓуверски тензии
Ја прозва опозициската БЕСА која, како што рече, во отсуство на капацитет да понуди подобар живот на граѓаните „влегла во таков аранжман со националистичките сили“.
-Затоа доминантна тема е Бугарија и ризикот од Бугарија, има одредена албанофобија и обид да се наметне од страна на македонски политички партии и сега овој договор, најверојатно договорен настап помеѓу БЕСА, која во отсуство на капацитет да понуди подобар живот на граѓаните влегла во таков аранжман со националистичките сили од двете страни, со цел да предизвика тензија и денеска да ме прашувате што мислам јас за крстот, па јас заради мојот електорат да кажам нешто што ќе ги провоцира верниците Македонци и така да почне циклус на меѓусебни обвинувања и тензии. Тоа е целта. Нема чесна намера во овој аранжман кој е срамен за државата. Наместо да најдеме начин како да ги отвориме поглавјата, ние влегуваме во тие теми, рече Османи одговарајќи на новинарски прашања.
Ги нарече „неодговорни политичари“ кои се обидуваат во нивната политичка кампања да ги злоупотребат верските емоции на граѓаните „кои се најдлабоки чувства.
-Нив треба да ги изложиме пред јавноста со име и презиме, сите тие што се договарале во двата блока за да предизвикаат верска и етничка нетрпеливост за да добијат политички поен повеќе. Се друго е секундарно, рече Османи.
Нему, како што рече, не му пречи ниту еден религиски симбол, но доколку се ставени со цел да бидат искористени во создавање тензии во предизборен период, рече, „тоа најмногу му штети на самиот крст и на верниците кои го почитуваат тој верски симбол“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.