Водата на Дојранското Eзеро го достигна највисокото скалило по загаденост и се наоѓа во класа 5, покажале истражувањата на екологистите, кои бараат локалните и државните власти да преземат мерки, пренесува Канал 5.

Според микробиолошките анализи, причината за големата загаденост е феноменот познат како на цветање на алгите, кој е последица на лошото менаџирање на слатките води кои што се слеваат во езерото. Решението, според екологистите, е изградба на нова пречистителна станица, бидејќи старата е дотраена и не го постигнува потребниот ефект.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, уверува дека редовно ги следат загадувачите и преземаат мерки. И според него, трајно решение е нова пречистителна станица, но за неа општината сама нема доволно пари.

Сегашната прочистителна станица со години наназад работи само со еден блок, потврди и градоначалникот, кој барал пари од државата за да се реши проблемот.

– 70 милиони лани беа префрлени на нашата сметка за заштита на езерото, бараме нови среднста за санирање на колекторскиот систем, вели Ангов.

За состојбата во која што се наоѓа Дојранското Езеро, алармираа и од Левица. Од таму предупредуваат дека во езерото има високи концентрации на отпадни материи и посочуваат дека тоа е причината што кај многу туристи, особено деца, се јавуваат симптоми на повраќање, дијареа, вртоглавица, флеки или црвенило на кожата.

Водата класифицирана во Класа 5 е силно еутрофична (штетна поради превисокото присуство на азот и фосфор), или загадена со микроорганизми, па не смее да се употребува во природна состојба без претходна обработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.