Од Здружението на инженери на Македонија објавија претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата во врска со проектот „Митилинеос“.

Претставката ја пренесуваме во целост.

Поаѓајќи од Вашите надлежности за спроведување на законодавството од областа на контролата на државната помош, заради заштита на слободната конкуренција помеѓу претпријатијата на пазарот, бидејќи слободната конкуренција е од пресудна важност за сите држави чии економии се темелат на начелото на слободен пазар, каде што распределбата на средствата е резултат на односите на понудата и побарувачката на пазарот, а не последица на мерките со кои државата интервенира во односите помеѓу претпријатијата, истовремено ценејќи ја примената на правилата на конкуренција која има за цел воспоставување на пазар на кој претпријатијата учествуваат рамноправно и под еднакви услови и нивната позиција на пазарот се вреднува првенствено според квалитетот на производите односно услугите кои ги нудат и каде основната задача на правото на конкуренција е да ги спречи поединечните практики и деловни активности на пазарот кои одредени претпријатија можат да ги доведат во позиција која е неоправдано поповолна во однос на другите претпријатија, па со тоа да ја загрози слободната конкуренцијата помеѓу претпријатијата,

Вие, Комисијата за заштита на конкуренцијата, согласно член 48 став 1 од Законот за заштита на конкуренцијата да извршите истражување на околности кои укажуваат на можноста конкуренцијата да биде нарушена, односно да извршите контрола на примената на одредбите и прописите кои се предложени во Предлог на законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје по скратена постапка, вклучително и Договорот кој треба Владата да го потпише со стратешкиот инвеститор, па врз основа на анализата на состојбите на пазарот, до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција согласно одредбите донесени врз основа на Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош, со одлука да го превенирате доделувањето на предвидената државна помош.

Образложение:

На Седница бр. 140 на Собранието на Република Македонија, покрај другите точки, на дневен ред пред пратениците беше поставена и точката број 30. „Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка“. Покрај целосниот текст на материјалот, во кој е доставен Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект Митилинеос когенеративна постројка Скопје, до пратениците е доставен и прилог на договорот кој Владата треба да го потпише со стратешкиот инвеститор. Во доставеното образложение за Предлог законот, во деловите „Оцена на финансиските последици од предлогот на законот врз Буџетот и другите јавни финансиски средства“ и „Процена на финансиските средства потребни за спроведување на законот и начинот на нивно обезбедување, како и податоци за тоа дали спроведувањето на законот повлекува материјални обврски за одделни субјекти“, даден е услов, според кој доделувањето на државната помош зависи од испитувањето на известувањето за планот за доделување на државна помош според кој, доколку Вие, Комисијата за заштита на конкуренцијата, утврдите дека мерките содржани во известувањето претставуваат државна помош и доделувањето на истата ќе е дозволено, државна помош ќе му се додели на стратешкиот инвеститор Митилинеос. Со евентуалната таква Ваша одлука, во членот 9 од Предлог законот е предвидено Владата, како поттикнувачка мерка, да му додели на стратешкиот инвеститор државна помош во вид на финансиска поддршка во износ од 49.750.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната Банка на Република Македонија, (средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија), на начин што Стратешкиот инвеститор и Владата, претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони ќе склучат Договор за доделување на државна помош.

Вашето истражување, анализа и контрола, согласно одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, каде “пазар” е место каде што продавачите и купувачите остваруваат понуда и побарувачка на стоки и услуги, а “договори и одлуки” се правни дела со кои се уредуваат прашања што се однесуваат на условите на работењето, а чија што цел или последица е нарушување на конкуренцијата и се однесува и на поединечните одредби на договорите и одлуките, кои можат да бидат изрични или премолчни; истовремено имајќи предвид дека се забранети сите Договори склучени меѓу претпријатија, одлуките на здруженијата на претпријатија и усогласеното однесување чија цел или последица е нарушување на конкуренцијата – особено оние кои го условуваат склучувањето на договорите со прифаќање од другите договорни страни дополнителни обврски, што по својата природа или согласно со трговските обичаи не се во врска со предметот на договорот (член 7 став 1 точка 5 од Законот за заштита на конкуренцијата) и каде овие одредби како групни изземања се применуваат на вертикални договори за исклучиво право на дистрибуција, селективно право на дистрибуција, исклучиво право на купување и франшизинг (член 9 став 1 точка 1 од Законот за заштита на конкуренцијата), веруваме дека ќе резултира во сознанија дека се работи за склучување на забранет договор со кои се нарушува конкуренцијата во смисла на член 7, што е предвидено и како прекршок согласно членот 59 од Законот за заштита на конкуренцијата.

Ви ги истакнуваме само неколкуте елементи од Предлогот на законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје и Договорот кои го потврдуваат сето претходно наведено:

1. Стратешкиот инвеститор Митилинеос нема да плаќа такса за ЦО2 по 2030 година, поради што ќе биде поконкурентен на пазарот;

2. Стратешкиот инвеститор Митилинеос добива уредена индустриска зона, во вредност од 20 милиони евра, за која треба да плаќа неконкурентен месечен надоместок од 6 денари по метар квадратен – поволност која на ниту едно претпријатие од енергетскиот сектор претходно не му е дадено;

3. Спорни се речиси сите одредби од членот 6 на Предлогот на законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје;

4. Со договорот, Република Македонија се обврзува, дури и ако нема потреба, на стратешкиот инвеститор Митилинеос, да му плати за преземање на околу 1.000 MWh електрична енергија и 275 MWh топлинска енергија, на годишно ниво;

5. Договорот ја обврзува Република Македонија да купува електричната и топлинската енергија од стратешкиот инвеститор Митилинеос по цени од 15 % до 35 % повисоки од берзанските;

6. Предвиден е надомест за стратешкиот инвеститор Митилинеос во износ од 4 милиони евра годишно за старт на постројката;

7. Стратешкиот инвеститор Митилинеос добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно, без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот Закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за Стратешкиот инвеститор Митилинеос, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати Македонија;

8. Законот за јавни набавки не важи за стратешкиот инвеститор Митилинеос;

9. Во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт, а надлежност за било каков евентуален спор се дава само на Арбитражниот суд во Париз;

10. Предвидени се бројни пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на стратешкиот инвеститор Митилинеос во случај да не исполни некоја од обврските наведени во текстот на предложениот Закон за стратешка инвестиција;

11. Стратешкиот инвеститор Митилинеос ќе се стекне со профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што е предвидено да трае Договорот за стратешко партнерство, а по 30 години стратешкиот инвеститор Митилинеос не мора да и ја врати електраната на Македонија…

Од Вас како надлежни органи, бараме веднаш да постапите по оваа наша претставка и да ги преземете сите потребни дејствија и мерки за да се спречи повредата на јавниот интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.