Под слоганот „Борбата трае“ вчера беше одбележана 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, на која државниот врв упати пораки за единство, сплотеност, за сочувување на националниот идентитет, посветеност на економскиот развој и на реформската агенда на патот кон евроинтеграцијата на државата со цел таа стане пристојно место за живеење.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на манифестацијата во Пелинце подвлекувајќи дека на 2 август 1944 година, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи. Асномските документи, како што посочи, пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите. И денес, рече претседателката Сиљановска Давкова, нашата независна Република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности.
Во однос на тоа зошто младите се отселуваат, Сиљановска-Давкова посочи дека животниот стандард не е единствената причина, во смисла на плати, туку пред се е владеењето на правото, односот на институциите кон граѓаните и меѓучовечките односи.
Успехот на Републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите. Токму ова право е загрозено од корупцијата и од непотизмот коишто изминативе години и децении, создадоа двојни стандарди, го нарушија владеењето на правото и го поткопаа општото добро. Но, и од долгогодишните неправедни блокади на нашите европски и евроатлантски интеграции коишто ја исцрпуваа државата, додаде претседателката.
Сиљановска-Давкова укажа дека младите ги следат зборовите на новоизбраната власт и тоа ќе вијале на нивните одуки за останување или заминување. Според претседателката, македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, како што посочи, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место, рече претседателката, беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија.
Во говорот таа се осврна и на соработката со стратешките партнери и европски пријатели, за кои кажа дека се врвен приоритет.
Нашата Република беше зачната од европските идеали за слобода од тиранијата, еднаквост пред законот, братство меѓу луѓето и народите. Тоа нѐ прави еднакви наследници на врвните европски придобивки. И затоа, освен географски, ние и вредносно, политички и економски припаѓаме кон големото европско семејство. На нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, сѐ уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат. Но, знаеме дека меѓу земјите членки имаме многу пријатели коишто се застапуваат за нас и ја будат европската совест кон случајот со нашето маратонско интегрирање. Ние мора да им помогнеме со тоа што нема да отстапиме од зацртаниот европски пат. Тоа е и нашиот пат. Македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија, рече претседателката.
Сиљановска Давкова потоа заедно со српскиот колега Александар Вучиќ, го посетија манастирот „Свети Прохор Пчињски“ каде се одржало Првото заседание на АСНОМ. Двајцата претседатели потоа одржаа состанок, а во изјава за медиумите заеднички оценија дека односите меѓу двете земји се извонредни, и дека ќе продолжат да се раазвиваат со меѓусебна почит и работа на конкретни проекти.
Централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката се одржа во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Тој порача дека Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е, рече, нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Во време на глобални предизвици, нагласи тој, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од било кога, а Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата слобода.
Борбата не е завршена! Борбата продолжува! Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме, нагласи Мицкоски.
Она што загрижува, посочи тој е што постојат елементи и субјекти во општеството кои во континуитет поставуваат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Но, според него, суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да се подобри животот на граѓаните. Затоа, порача дека нема да води разговори за теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања и ги повика сите лидери, субјекти да разговараат за она кое што е вистински важно за сите граѓани, како што е економијата, владеењето на правото, образованието, иновациите кои носат иднина. Владата, вели, има економска визија за развој на државата, за нови работни места за создавање на подобар живот и сигурна иднина.
Така ќе го градиме единството и ќе создадеме иднина за сите. Имаме економска визија за развиена Македонија. Доаѓа нова ера на развој и на нови работни места. Ова е само почеток на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа. Нашата цел е да создадеме стабилна и просперитетна економија која ќе им овозможи на сите наши граѓани подобар живот и сигурна иднина, истакна премиерот Мицкоски во својот говор на Мечин камен и упати повик на единство кон политички противници.
Во контекст на европските интеграции на земјата, тој нагласи дека се направени големи национални предавства, но, вели, ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици.
И сакам да потенцирам колку пати и да ме прашаат и во колку и форми да се постави прашањето за Бугарија, одговорот секогаш ќе биде единствен….ние сме за достоинствено решение, и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Воедно неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме на некој однадвор, туку да си помогнеме себе си одвнатре. Но, воедно неодминлива е и забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу препреки, сопки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчиња ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разум, а не од силата. Решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото, рече Мицкоски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, се обрати пред зградата на Парламентот од каде порача дека Илинден е семето на визионерството, заедништвото, храброста, потсетник на заедничките вредности околу себе обединување, кои ги славиме и ги празнуваме.
Нашето единство е нашето најголемо богатство и токму преку ова единство ќе постигнеме величина. Да се издигнеме над состојбите и да најдеме фактори на обединување наместо на разединување, подвлече Гаши.
Според Гаши, заложбата на Илинденците, видоизменета, трае и денес. Тоа е, потенцираше, заложба за напредок на државата, благостојба за граѓаните, подобра иднина за поколенијата. Гаши појасни дека идејата која треба да не обедини денес е патриотизмот и заедничката цел за подобра држава.
Патриотизмот е искрена посветеност кон нашата земја и нашите граѓани. Патриотизмот е влог во државата преку чесна работа, добри одлуки. Илинден не е ограничен, затоа што тој ни припаѓа на сите, поаѓајќи од 1903, преку 1944-та и на сите кои денес вложуваме за европска Македонија. Како мултиетничка, мултикултурна и мултифункционална, нашата држава е уникатен гоблен извезен од сите различности. Тие различности се темелот врз кој се развива и напредува и денес нашата држава. Ова е во духот на вредностите кои беа промовирани и во Крушевската Република, како и во Асномската независна Македонија, рече Гаши.
Гаши порача дека е потребно да се фокусираме на реформи и напредок во образованието, здравството, судството, дигитализацијата и прашања од чие подобрување зависи и подобрувањето на квалитетот на секојдневието на граѓаните. Најуспешниот резултат е членството во НАТО, но втората траса од нашиот пат – онаа кон Европската Унија, додаде тој, се уште трае.
И покрај низа предизвици, јас сум убеден дека ние ќе изнајдеме решенија, сила и волја и на тој пат, за да ги надминеме и час поскоро да бидеме членка на ЕУ. Ние мора да се фокусираме на нашите аспирации за иднината. Нашето членство во ЕУ не е само политичка цел, тоа е посветеност на збир на вредности и принципи кои ќе ја унапредат нашата држава. Патот до членство во ЕУ е пат кон економски просперитет, социјален напредок и посилна демократија. Тоа е патување кое бара посветеност, напорна работа и колективна одговорност, рече Гаши потенцирајќи дека е време да ја потврдиме нашата посветеност на единство, солидарност и напредок.
Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче во изјава за медиумите пред Собранието ги честиташе двата Илиндена, истакнувајќи дека „исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија“.
Нашата татковина е земја на вредни луѓе, изминативе години се изборивме за меѓународно признавање и афирмација на нашата земја, влеговме во НАТО, покажавме дека во оваа земја живеат граѓани со голема жилавост, подготвени да ги остварат сопствените цели, за демократска, слободна, праведна европска држава, рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека политиката не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.
Не смее политиката да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање на демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни, додаде Филипче.
Чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република со низа свечености почна завчера во Крушево кога делегации ја посетија Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а попладнето во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ беа пречекани коњаниците од целата држава. Воедно беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со читање на Крушевскиот манифест и подигање на бајракот на Крушевската Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.