Денес во Министерството за надворешни работи се отвори изложба, по повод 30-тата годишнина од членството на Република Македонија во Обединетите Нации (8 април 2023). Настанот беше во ко-организација со Државниот архив на Република Македонија, како и во соработка со Националниот Координатор на ОН во Скопје. 

 

Во нејзиното обраќање заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки ја истакна важноста од членството на земјата во семејството на Обединетите нации и воедно рече дека Македонија докажа дека со дипломатија и дијалог, со разбирање, толеранција и по пат на компромис, можат да се решат и најтешките прашања и да се придобијат нови пријатели и сојузници.

 

„Република Македонија продолжува да ги развива односите со земјите членки на ООН и се залага за јакнење на ефективниот мултилатерализам, во функција на обезбедување на мир, стабилност, развој на демократијата и човековите права, економски и социјален просперитет на регионално и глобално ниво. Како претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, ги промовираме овие принципи кои суштински произлегуваат од Повелбата на ОН и чија реафирмација во актуелниот момент е попотребна од било кога порано. Го правиме тоа посветено и со уверување, бидејќи и самите знаеме што значи да се бориш за принципи, за правото на самоопределување, за меѓународно признание. Од прифаќањето на првата превентивна мисија на ОН до претседавањето со ОБСЕ, изминат е долг и мачен пат, исполнет со неизвесности и предизвици, но и со моменти на гордост и признанија. За сето време, не одржа пред се вербата во самите себе, вербата во нашите граѓани, во нашето право да постоиме и опстоиме. Верувавме и во принципите содржани во Повелбата на ОН и во неопходноста од дијалог, соработка и компромиси во решавањето на отворените прашања.“ истакна Исаки.

 

Директорот на Државниот архив на Република Македонија, Емил Крстески рече дека јубилејот беше поттик за Министерството за надворешни работи и Државниот архив заеднички да бидат носители на проектот-изложба, која денес се презентираше, а сведочи за едни бурни времиња за кои младите генерации треба да знаат.

 

“Самиот прием во светската организација не е одненадеж, напротив има сопствен развој на дипломатски и државнички активности. Авторите на изложбата ќе ве поведат низ патување во времето, во моментот кога Генералното собрание на Обединетите нации со акламација ја прифати нашата држава за 181. полноправна членка на Светската организација. Документите се основен извор на минатото, но исто така и усните сеќавања на современиците на настаните се извонредно значајни.” истакна Крстески.

 

Пред гостите се обрати и Росана Дуџак, Постојан Координатор на ОН во Скопје, која подвлече дека во светот кој континуирано ни создава предизвици на секој фронт, мултилатерализмот е под постојан тест. Но и дека покрај сите предизвици со кои се соочи, во сите донесени одлуки, без разлика колку е тешко и предизвикувачко, Македонија никогаш не ја оспори важноста на заедничката работа и тоа е нешто што мора да се препознае и да се слави.

 

“Затоа денеска, исто така, сакам да оддадам признание за активното учество на земјата во сите меѓународни тела, во сите комисии, во сите дискусии и во сите процеси на Обединетите нации. Македонија континуирано демонстрира посветеност кон Агендата 2030, и покрај сите предизвици со кои се соочува. Земјата го финализираше својот прв доброволен национален преглед во 2020 година за да го следи напредокот постигнат кон Агендата 2030, во многу тежок контекст, на самиот почеток на пандемијата на Ковид19” додаде Дуџак.

 

На настанот присуствуваа дипломатскиот кор во Македонија, како и претставници на државните институции.

 

Изложбата продолжува да биде отворена следните две недели во Музејот на македонската борба за самостојност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.