Со традиции и благослови, крушевчани вечерва официјално ги пречекаа коњаниците од повеќе градови и места од земјава пред столбот на Републиката во центарот на Крушево кај црквата Свети Никола.
Годинава по врвиците на востаниците во Илинденско Крушево пристигнаа повеќе од 150 коњаници од целата држава.
Коњаниците ги пречека градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, Томе Христовски посакувајќи им добредојде и да е вековит големиот Илинден.
Меѓу пристигнатите се и коњаниците кои тргнаа кон Крушево од Аеродром.
Во меѓувреме, во тек е полагањето венци и свежи цвеќиња на бројните делегации на значајни востаници и дејци: на гробот на Питу Гули на Гумење, на партизанските гробишта, пред криптата во споменичниот комплекс Илинден, на гробот на Тоше Проески на Гумење.
Делегацијата на Министерството за култура и туризам ја предводи министерот Зоран Љутков.
Од 20 часот на Гумење во Крушево свечено ќе бидат отворени културно – научните средби „10 дена Крушевска Република“, манифестација која од годинава е национална.
На Манифестацијата ќе биде подигнат бајракот на Крушевската Република, симболично ќе се испука од Црешовото топче, а пред присутните ќе се обратат градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата, Томе Христовски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, по што официјално почнуваат чествувањата за големиот Илинден и 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.