Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, денес, се одржа воена свеченост по повод прием на должноста командант на 1.пешадиска бригада од составот на Командата за операции (КО).

Со укази на претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска Давкова во чин бригаден генерал е унапреден полковник Дејан Чиплаковски и поставен за командант на 1.пешадиска бригада. Бригадниот генерал Дејан Чиплаковски претходно ја извршуваше должноста началник на Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции во Командата за обука и доктрини, а во текот на неговата воена кариера извршувал повеќе командирски и штабни должности.

На денешната свеченост се обратија началникот на штаб во Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и новопоставениот командант на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски.

„Да се биде командант на единицата која претставува гордост на Армијата и која е распространета низ целата територија на државата е повеќе од предизвик. Тоа значи да чекориш смело соочувајќи се со вистински предизвици, да решаваш сериозни проблеми, да менаџираш со многу процеси, да обезбедиш непрекинато функционирање на системот за командување и контрола, но пред сè да се грижиш за високиот степен на борбена готовност“, рече генералот Ѓоргоски во своето обраќање пред присутните.

Генералот Ѓоргоски честитајќи му ја должноста на новиот командант на бригадата порача да продолжи да ја води бригадата кон нови високи дострели, како што тоа го правеа сите негови претходници, применувајќи ги знаењата, вештините и стекнатото искуство притоа земајќи ја предвид ја мотивираноста на луѓето, кои се најголемиот капитал не само на бригадата, туку и на Армијата во целина.

Бригадниот генерал Дејан Чиплаковски во својот говор изрази благодарност до државното и военото раководство, како и до сите поранешни и сегашни претпоставени кои со своето знаење, искуство, поддршка и менторство го водеа низ војничката кариера .Тој во своето обраќање потенцираше дека активно ќе работи согласно уставот и законите и ќе даде максимален придонес за зачувување на слободата и сувереноста на нашата земја.
Со церемонијалното предавање на военото знаме на единицата, кое го изврши бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, се изврши и официјално приемот на должноста, командант на 1.пешадиска бригада.

На денешната свеченост покрај началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и заменик-министерката за одбрана, Елфете Исмаили, присуствуваа началникот на штаб, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, активни и пензионирани генерали на Армијата, претставници од Армијата, Министерството за одбрана, воено дипломатскиот кор и поранешни команданти на единицата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.