Директорката на детската клиника, докторка Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија, доктор Никола Васев ги депонираа своите оставки на функциите до Министерството за здравство. Таквите нивни одлуки доаѓаат по барање на министерот за здравство, Беким Сали.

Според сознанија на медиумите нивните оставки се побарани поради непочитување на колективните договори и други забелешки направени од надзорот на Фондот за здравствено осигурување кој, исто така, беше побаран од министерот Сали.

Министерот за здравство деновиве на телевизиско гостување кажа дека во 12 клиники се завршени инспекциите за тоа како се конципирале платите и финансиските средства за дежурствата. Оттука евидентно е дека ова е само почетокот на сите ревизии.

Сепак, упатените изразуваат сомнеж во постапката на министерството.

„Како е можно да се повикаат на одговорност само медицинските директори? Тие не може да ги прават овие неправилности. Дека има чесна намера да се расчисти ситуацијата ќе може да се види само ако се повикаат на одговорност и еконосмките директори“, велат упатените.

Инаку во рамки на кампусот клиники Мајка Тереза економските директори речиси со еден, два исклучоци се од ДУИ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.