Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ продолжува со својата конструктивна улога давајќи предлог мерки до Владата и колегите од мнозинството кои имаат за цел да им помогнат на одредени групи на граѓани во овие предизвикувачки моменти со кои се соочуваме, посочи Јован Јаулески, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам да Ве известам дека денес до Собранието на Република Македонија ќе поднесеме Закон за субвенциониран студентски оброк со кој бараме зголемување на субвенцијата од 120 на 160 денари и исплата на средствата по истиот принцип како и минатата година. Студентите нема да земат финансиски средства за субвенциониран студентски оброк овој месец затоа што владеачкото мнозинство лани брзаше со законските измени и донесе конфузни решенија кои оставаат правна празнина и неможност на Министерството за образование и наука да исплати средства, истакна тој.

Ја повика власта да го прифати предлог законот и веднаш да им се помогне финансиски на студентите со цел зачувување на и онака кревкиот студентски стандард.

Освен студентите и средношколците треба да добијат соодветна финансиска поддршка и за нив бараме по 3 000 денари месечно во периодот додека трае кризната состојба т.е. до 30ти април 2023 година. Владата мора да скрати од своите луксузирања за да им покаже на младите т.е. иднината на државата дека мисли на нив. Без младина, нема иднина. Дозволете ми да изразам револт за најавените мерки за рационализација на трошоците на државата кои удираат директно врз студентите т.е. рационализација на стипендиите, редефинирање на системот за студентски оброк и потенцијална приватизација на студентските домови, истакна Јаулески.

„Состојбите со кои се соочуваат студентите се загрижувачки. Кај нас власта гледа да скрати, а во бројни европски земји се даваат дополнителни средства за студентите. Токму затоа преку Клубот за младински прашања и политики ќе иницирам одржување на јавна расправа на која ќе бидат поканети релевантните институции, но и претставниците на студентите. Мора да најдеме одржливи решенија за проблемите со кои се соочуваат студентите.

Оваа власт ветуваше повисок студентски стандард, ветуваше поквалитетно образование, а ги излажа студентите. Еве можност, не само преку декларативни заложби, туку со прифаќање на ова предлог законско решение да покажат дека барем малку мислат на студентите“ – порача тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.