Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи измените на законите за данок на солидарност, за ДДВ и измени на законот за добивка кои СДСМ и ДУИ ги носи со европско знаменце, рече дека ВМРО-ДПМНЕ е против овие закони бидејќи истите не значат борба со сивата економија и не значи дека со нивно донесување ќе започне наплата од страна на граѓаните и компаниите кои не плаќаат даноци.
Треба граѓаните да знаат дека ова се закони за оние кои што се лојални граѓани на државата и плаќаат даноци. Ова не се закони кои што ќе бидат борба против сивата економија и ќе ги побараат оние граѓани и правни субјекти кои што не плаќале даноци. Тие што плаќале со овие даноци ќе плаќаат повеќе, изјави тој.
Мицкоски посочи дека со измени на законот за ДДВ граѓаните ќе плаќаат поскапа електрична енергија бидејќи досегашниот данок од 5 проценти се враќа на 18 проценти.
Граѓаните со измените на законот за ДДВ ќе плаќаат поскапа струја бидејќи повластена стапка од 5 проценти се враќа на 18 проценти. Тука ќе ги ставам и пелети како средство за затоплување на домовите бидејќи за неколку месеци од денес ќе почне грејната сезона, и наместо да имаме еколошки енергенс ние повторно ќе треба да импровизираме и повторно да ја загадуваме околината. Персоналниот данок директно го афектира спортот и финансирањето и помагањето на спортот и спортските клубови. А солидарноста која што е дел од законот за солидарност како што ја замислиле практично претставува директен удар на бизнисот, оној бизнис кој што е лојален на државата и плаќа даноци, да плаќа повеќе. А оној бизнис кој што не плаќа на државата, тогаш тој бизнис нема да биде афектиран, односно и понатаму ќе продолжи да не плаќа. Е од прилика ова е даночната реформа, рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека владата на СДСМ и ДУИ со зголемување на даноците сала да го полни буџетот за потоа како што нагласи тој да го празни на тендери во четири очи.
Затоа јас апелирам и затоа беше ВМРО-ДПМНЕ против. Затоа што ние наместо да ги поддржиме тие лојални граѓани и компании кои што плаќаат и да најдеме начин да ги помогнеме, ние дополнително сега ги оптоваруваме. Практично оваа влада е маќеа за лојалните граѓани и правни субјекти, а мајка за оние кои што истата таа држава ја навредуваат со тоа што не ги плаќаат обврските со државата и не се солидарни со нас останатите лојални граѓани кои што лојално си плаќаме сето она кое што е наша обврска кон државата и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ сме против, дециден е Мицкоски.
И тие како многу пати досега единствен начин да го полнат буџетот, а потоа преку тендери во четири очи да го крадат и празнат е да ги зголемат даноците и тоа врз грбот на лојалните граѓани и компании кои што и сега законски си ги исполнуваат своите обврски, заклучи претседателот Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.