ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска и формално ќе поднесат интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери.

Последователните скандали и неодговорното и непрофесионално работење на собранискиот спикер се некои од причините на ВМРО-ДПМНЕ кои ги смета како основа за интерпелацијата против претседателот на Собранието.

Во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршеше одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието. Откако Џафери е избран за претседател на Собранието, сѐ почесто сме сведоци на скандали во неговото работење. Последен во низата беше скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ беа заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница. Во храмот на македонската демократија во македонското собрание на опозиционите пратеници им беше ускратено загарантираното право на слобода и движење, рече вчера пратеничката афина Стојаноска.

Според неа, Претседателот Џафери постапи несовесно, со тоа што изврши најтешка повреда на „Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија“, односно го прекрши членот 14 од Кодексот, со кој е уредено што се подразбира под тешка повреда на овој кодекс. Иако Џафери е прво потпишан на овој Кодекс, како што можеше да слушне целата македонска јавност, со крајно вулгарен речник, употребувајќи најразлични пцости, вршеше притисок врз службита во Собранието, при што го омаловажуваше нивното достоинство.

Дополнително, во неговиот мандат, сѐ со цел исполнување на коалиционите договори, Талат Џафери во својата работа постапува како пратеник на власта, а не како претседател на Собранието, кој треба да соработува со координаторите на пратеничките групи, како што е предвидено во членот 60 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

За да помине интерпелацијата потребни се 61 глас. Засега АА нема став дали ќе ја поддржи интерпелацијата,

Од Движењето Беса велат дека ќе ја поддржат интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќе од јасно е дека по последните случувања во Собранието, особено по разрешувањето на пратеникот Фадиљ Зендели од Комисијата за избори и именувања, Талат Џафери несомнено дека нема кредибилитет да ја извршува должноста претседател на Собранието. Пратениците на Беса ќе ја поддржат интерпелацијата но најважно е мнозинството да сфати дека ги измами граѓаните на земјава и затоа треба да одиме што поскоро на предвремени парламентарни избори, велат од Беса.

Ова не е прва интерпелација против Џафери како претседател на Собранието, а според Правилникот и во случај кога се покрева интерпелација за претседателот на Собранието, тој самиот ја води седницата за интерпелацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.