Пратениците кои ќе гласаат за Законот за родова еднаквост се соочуваат да бидат исклучени од црковната заедница. Тие би биле лишени од свештенодејствија, односно за нив ќе биде забрането извршување на црковните обреди, како што се крштевки, венчавки и погреби. Ваква јавна опомена до нив упати викарниот епископ на Скопската епархија Давид во својот блог.

Во пресрет на денешниот Сенароден собир против законите за матична евиденција и за родова еднаквост организирани од МПЦ-Охридска Архиепископија, на својот блог, Епископот Дремвитски оценува дека законското решение за родова еднаквост е израз на најновиот вид анархија, продуцирана директно од државата, бидејќи таа не го слуша гласот на народот. Владиката Давид вели дека ниту, ниту црквата нема против правото на избор, но дека е недозволиво насила да се наметнува стилот на живеење на некоја минорна група.

Да не постои погрешно разбирање, црквата никогаш не ги осудува и не е против луѓето, кои имаат некаков свој, помеѓу останатото и сексуален избор. Тоа е нивен личен избор, кој се однесува на нивната совест. Истовремено, црквата одлучно смета дека тие луѓе не смее да бидат подложени на дискриминација или на казни! Од друга страна, пак, не е возможно да биде дозволен еден специфичен вид на „апартхејд“, поточно едно издвојување на било каква минорна трансродова група, која на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество. А, новиот предлог закон за родова еднаквост го има токму трансхуманизмот како своја појдовна точка: се искоренува досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и, се воведува нов модел на човек, кој лебди на површноста од своето постоење На крајот на краиштата, христијанскиот модел на човек секогаш подразбира сопостоење со другиот, кој и да е тој, додека пост-човечкиот модел ја подразбира слободата единствено како целосна ослободеност од другиот, како поништување на различниот!!“,
пишува тој на својот блог пост.

Сепак, викарниот епископ на Скопската епархија укажува дека е свесен за фактот дека државата е секуларна и дека црквата нема право да донесува закони во Собранието, па според тоа, доколку законот биде изгласан, тој ќе мора да биде почитуван. Но, тој потсетува дека за разлика од државата, црквата има свои внатрешни правила.

Затоа, ќе треба внимателно да се запишат имињата и презимињата на оние народни пратеници, кои евентуално би кренале рака за спомнатиот закон за родова еднаквост, поточно – закон за дехуманизација! Потоа, црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. Значи, доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат. На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување, вели владиката Давид Дремвтиски.

За денеска во Скопје во 18 часот е закажан Сенароден собир организиран од МПЦ Охридска Архиепископија. Ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски”.

Инаку, на последната седница на Синодот на МПЦ одржана пред една недела, по канонскиот отпуст ги врати во своја канонска јурисдикција дотогаш одметнатите владици на ПОА, предводени од Јован Вранишковски. Меѓу нив и Давид Нинов, кого го назначи за викарен епископ на Скопската епархија, со титула Епископ Дремвитски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.