По наша иницијатива и силни заложби, пратената информација од страна на Општина Дојран до Владата е прифатена и е задолжено Министерството за животна средина и просторно планирање да одвои средства за реконструкција на хидросистемот и истиот да биде пуштен во употреба, објави денеска градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Во информацијата доставена од Владата до Општината се наведува дека на 5 овој месец била разгледана и усвоена информацијата за ставање во функција на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ за дотур на вода во Езерото.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да предвиди и алоцира финансиски средства во буџетот за 2025 година за реконструкција на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ и негово ставање во функција за да обезбеди дотур на вода во Дојранското Езеро со цел за спречување на голема еколошка катастрофа со оглед на фактот дека моменталната ситуација со нивото на водостојот на Дојранското Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум, стои во информацијата од Владата.

Инаку за утре е закажана голема еколошка акција за чистење на крајбрежието на Езерото, која ја организира Општината со цел, како што се наведува во поканата, „да се покаже дека сите сплотени без било какви поделби да го покажеме единството и да испратиме силна порака за нашиот бисер,Дојранското Езеро“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.