Во дебатната емисија на телевизија Клан на која се разгледуваше и коментираше темата поврзана со укинувањето на алатката балансер, како и правичната застапеност при вработувањата, гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски.
Тој ја истакна важноста на правичната застапеност на сите етнички заедници при вработувањата во државата, но напомена дека балансерот како калкулатор за пресметување на идните вработени во однос на припадноста веќе ја има одиграно својата улога и истиот треба да се замени.
„Во последните години видовме дека балансерот како калкулатор почна да се злоупотребува од страна на институциите, носител на тие злоупотреби беше господинот Артан Груби во неговото министерство, во кое знаеме дека имаше огромен број на вработени токму по овој основ“, вели Велјановски.
Според него со ваквата алатка граѓаните беа доведени во ситуација да се определуваат дека не се Македонци, Албанци, Роми, Турци и така натаму, за да можат да дојдат до работно место во државна администрација.
„Стратегијата за реформа во јавната администрација, која беше поддржана од ДУИ, во себе го содржеше токму укинувањето на балансерот, а исто така и препораките на ЕК се во насока дека балансерот се злоупотребува како алатка“, потсетува Велјановски.
Во овој контекст, Велјановски појасни дека веќе е формирана работна група која треба да изработи предлог закон, а притоа ќе ги земе предвид мислењата од стручната јавност преку една јавна дебата.
„Формирана е работа група која треба да работи на драфт предлог закон во кој ќе биде вклучена стручната јавност преку јавна расправа и сите општествени чинители за да се добие едно добро законско решение. После ќе побараме и мислење од Венецијанската комисија во однос на законските решенија, за да не се судриме со Уставниот суд, дури потоа ќе влеземе во постапка за да донесеме едно ново законско решение со кое ќе бидат задоволени не само етничките заедници, туку и останатите ранливи категории во општеството“, појаснува Велјановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.