Денеска сите научивме кој е Васко Саздовски. Денеска сите дознавме дека македонски научник имал достигнувања надвор од земјава, додека неговото семејство живее во Македонија. Денеска сите се заинтересиравме да слушнеме нешто повеќе за Васко. Кој е, што е, што барал во Нови Сад…
Никој во ова проклето општество не знаеше кој е Васко Саздовски! А требаше секој од нас да знае за 45-годишниот научник кој работеше во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Сите требаше да имаме слушнато дека Македонија го има Васко Саздовски, доктор на науки, кој заврши на Универзитетот Кренфилд. Да знаеме дека првенецот на генерација на Воената Академија, после одличните резултати на Академија грабаше напред, се бореше, учеше, се надградуваше и достигнуваше. Се трудеше да успее во сопствената земја, да го донесе она што го научи надвор! Даваше сѐ од себе. Знаеше многу, но никој за него не знаеше. Тука никој не го забележа. Не затоа што не вредеше! Напротив! Затоа што никој не сакаше да го забележи! Затоа што во оваа сурова земја успехот никој не го забележува! Талентот, интелегенцијата никој не ги наградува. Таквите умови ги бркаме од дома!
Васко беше скромен, добродушен, вљубеник во животот и природата. Човек кој искрено ја сакаше сопствената земја иако таа постојано му задаваше удари. Немаше ветар во грб! Секој чекор напред го правеше сам, со многу работа, многу труд, многу учење! Го знаеше светот, Македонија не го знаеше! Му пружаше светот, Македонија го бркаше!
Светот беше премал за неговата иновативност! Васко Саздовски беше човекот чија брилјантност беше интересна за Англија, за Чешка, за Хрватска, за Германија, за Србија! Васко беше човекот кој се посвети на роботиката, но неговата иновативност беше преголема за Македонија. Неговиот робот кој одгледуваше стевија во неговиот роден крај, Свети Николе, не беше доволно интересен за македонскиот Фонд за иновации. Само затоа што Васко не беше нечие дете, затоа што Васко не беше дел од ниту една партија. Проектот на Васко Саздовски не беше фантомски за да добие пари! Беше реален, беше оригинален, беше иновативен. Но ете, не ги исполнуваше критериумите на нашиот Фонд зашто во неговиот проект парите ќе се користеа за конкретни цели, а не за делење.
Зад Васко остана Pinna Robotics. Остана да сведочи за она што тој го правеше, остана да зборува за она за кое сите беа глуви додека Васко беше меѓу нас. Васко остави зад себе сопруга и две деца! Да не ги заборавиме нив! Нека живее Васко преку Pinna Robotics, неговите синови нека бидат горди на она што Васко Саздовски го остави зад себе!
Како што напиша во своето опростување Христена Антевска Јованчева, поранешна новинарка и пријателка на Васко, Македонија синоќа изгуби …!
Една прекрасна жена, најголемата поддршка на Васко и двајца алтани кои едвај чекаа да бидат со својот татко, кој често отсуствуваше поради неговата амбиција, поради работа и надградба, останаа можеби без еден од најпрекрасните сопрузи и татковци.
Изгубија планините, останаа без голем заљубеник во ридовите, врвовите, камповите, изгуби тркачката дружина исклучителен пријател и спортист . Васко беше извидник. Беше најмотивираниот извидник, секогаш борбен, секогаш гладен за успех, гладен за уште повеќе. Старите извидници денеска се опростуваат од Васе, го споменуваат, се присетуваат на анегнотите поврзани со него. На палавштините од младоста, на неверојатните кампувања, дружења, натпревари!
Денеска го споменуваат и планинарите, со кои Васко искачи многу врвови, достигна многу цели! Ги сакаше планините, ја сакаше сопствената земја! Уживаше во нејзините природни богатства. Изгубија камперите кои секое лето се сретнуваа со него на летување!
Изгуби Свети Николе! Го изгуби можеби најголемиот научник што некогаш се родил во градот. Замина синот на Столе музичарот, замина Васе Раперот, се опростуваме од Васе научникот.
Еден негов сограѓанин напиша:
Еднаш ти реков „Васе , ти си нашиот Тесла”, а ти скромен, прибран како секогаш ми рече „Ацка далеку сум јас од Тесла”.
Ееее Васе сега си близу до Тесла а далеку од сите нас… Ни замина толку позитивен, интелегентен, пред времето, мил човек вистинска реткост на овие простори.
Тоа е Васе. Човек кој ги поседуваше вистинските вредности во овој безвреден систем во кој живееме. Човекот кој и покрај многуте шамари кои ги доби од државата ја сакаше со цело срце! Човекот кој беше пред времето, човекот кој ја имаше испланирано секоја минута, човекот кој секогаш грабаше напред, се бореше, знаеше да се разочара, но уште подобро знаеше да се избори со тоа и повторно да и дозволи на позитивноста да влезе во неговиот живот! Истрајноста беше неговата водилка! Никогаш не се откажа од Македонија! Се откажа таа од него. Што би рекла неговата пријателка, Македонија изгуби, еднаш кога дозволи таков мозок како Васко да си замине од тука. И синоќа повторно. Овој пат неповратно!
Со Васко се видовме пред две недели. Разговаравме за животот, за предизвиците, за предците… На разделување рече:
„Моите деца немаат татко“…
Му се подналутив на зборовите!
Имаат татко само не е секој ден со нив – му одговорив.
И сѐ уште имаат татко! Татко каков што многумина сакаат да имаат. Татко на кој децата цел живот ќе се гордеат! Татко чие име заслужува да се споменува!
А јас, јас сѐ уште имам пријател за кој ќе зборувам со полно срце, пријател со кој ме врзуваат убави спомени, пријател чие име често ќе го спомнувам! Нема да кажам збогум! Сега небото е твојот дом! Биди таму најсјајната ѕвезда, онака како што ти умееш!
Автор: Билјана Бабиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.