– Австрискиот претседател Александер ван дер Белен денеска во Собранието им порача на пратениците дека од нив зависи кога ќе ги почнеме следните чекори во преговори со ЕУ и колку брзо ќе ги поминеме. Австрија, додаде тој, ќе ви биде близок сојузник.

– Иако траеше долго, патот на евроинтеграцијата е трасиран. Од вас, почитувани дами и господа пратеници, зависи кога ќе ги започнете соодветните чекори и колку брзо ќе го поминете тој пат. Бидете уверени дека Австрија исто како во минатото и во иднина ќе ви биде близок сојузник на страната на Македонија, рече Ван дер Белен.

Тој потенцира дека Австрија се залагаше преговорите на Македонија и Албанија конечно да почнат минатиот јули, а многу иницијативи на ЕУ да бидат достапни за двете земји пред формалното членство во Унијата.

– Од пред речиси 20 години возот кон дестинацијата Брисел стоеше на железничката станица во Скопје, меѓутоа од јули 2022 година сигналите конечно покажуваат зелено светло и поради тоа ви честитам од срце. Македонија го заслужува ова патување, рече Ван дер Белен.

Возот со скрининг процесот веќе тргна кон Брисел и е на добар пат, но движењето на возот кон Брисел, како што потенцира, не зависи само од сигналот, туку од постојаното додавање енергија, а за време на патот кон Брисел и Владата и Парламентот на Македонија треба да ја даваат таа енергија, рече австрискиот претседател.

Обраќајќи им се на пратениците, тој рече дека сака да ги замоли и охрабри да останат мотивирани и концентрирани и партнерите во ЕУ и понатаму да ги убедуваме со конкретни резултати.

Австрискиот претседател Ван дер Белен истакна дека со Договорот од Преспа, Македонија заслужи меѓународно признавање и почит, а и претходно со Охридскиот рамковен договор земјата стана пример во регионот во успешен соживот, јазична и религиозна различност.

– За да може да продолжи процесот на проширувањето сега е потребен еден видлив знак на потврда на таа разноликост во вид на промена на Уставот. Сакам јасно да кажам фрка не верувам оти е реалистично дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш, рече австрискиот претседател.

Патот кон Европа се исплатува, вели тој, и затоа се исплатува да се направи следниот чекор кој не е лесен.

Пред пратениците тој го пренесе австриското искуство и идентитетските прашања што ги имале пред пристапувањето во ЕУ. Неговата порака е да не се грижиме, бидејќи македонскиот јазик и јазиците што се зборуваат во земјава ќе останат неоштетени во тој процес.

– ЕУ се залага за еднаквост во различност. Значи мир, слобода, благосостојба, треба да имаат сите граѓани и граѓанки на Унијата, кои имаат различни култури и зборуваат различни јазици, рече тој.

Брз процес на интеграција, според него, бара функционален парламент и национална согласност. Ван дер Белен и се обрати на опозицијата, посочувајќи дека искушението е големо да се искористат сите средства за мнозинството да не може да ги спроведе своите идеи, но суштината на демократијата е и покрај идеолошки и други разлики да не разединува земјата, туку да се соработува конструктивно. Компромисот, како што кажа, е централен камен на демократијата



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.