Додека ја славиме 30-годишнината од Мисијата, вие се подготвувате да ја преземете функцијата претседавач со ОБСЕ. Дали може да има повеќе докази од тоа за да се илустрира вашиот успех како земја? Ова е чест, признание за позитивните случувања во земјата во спроведувањето на вашите заложби од ОБСЕ. Македонија ќе му покаже на светот дека е доверлив партнер во промовирањето на мирот и стабилноста, истакна амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, Килиан Вал, во неговиот говор по повод одбележувањето на 30-годишнината на мисијата на ОБСЕ во нашата држава.

Ја преземате одговорноста во тешки времиња, но не се сомневам дека ќе се справите со одговорноста на одличен начин. Од наша страна, како што му кажав на министерот Османи на нашата првична средба минатиот месец, ние во Мисијата во Скопје сме подготвени да направиме се што можеме за да го поддржиме претседавањето, истакна амбасадорот Вал.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, смета дека со претседавањето на Мисијата на ОБСЕ кое треба да почне наредната година, земјава може да даде свој печат и придонес во остварувањето на принципите и заложбите на организацијата.

За време на 30-годишното присуство во земјава мисијата беше од голема важност за превенција на прелевањето на конфликтот, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, за градење на социјална кохезија и зајакнување на демократските институции и владеење на правото, покрај другиот придонес во подобрување на севкупните услови во нашето општество како целина, рече министерот.

Османи не смета дека присуството на Мисијата на ОБСЕ е знак на слабост или негативна симболика. Напротив, вели Османи, вашето присуство е многу важно и вие сте вреден партнер во соочувањето со различни предизвици.

Голема и вреди да се спомене листата на постигнувањата на мисијата на ОБСЕ во земјава, а некои од поважните се взаемната доверба, почитувањето, разбирањето и доверливата соработка, елементи коишто се мошне битни за имплементација на принципите и заложбите на ОБСЕ, истакна Османи.

На крај беа доделени и награди за победниците на јавниот конкурс објавен од Мисијата на ОБСЕ во земјава во соработка со Агенција за млади и спорт и Националниот младински совет на тема од областа на безбедноста, солидарноста и соработката за млади од 15 до 29 години. Добитници беа Сунчица Бадаровска со цртеж, Јане Бачев со видео и Ангела Петрушевска со видео.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.