Универзитетот „Мајка Тереза“ и еден од најатрактивните факултети на УКИМ, Факултетот за информатички науки и компјутерски инженерство (ФИНКИ) ќе добијат свои објекти каде што ќе се изведува наставата, најави министерот за образование Јетон Шаќири на годишната конференција „Година за нови можности“.

Според министерот, со концептот на инклузивност, сите се опфатени во образовниот процес.

Приоритет беа и капиталните инвестиции. Како МОН имаме висок процент на реализација. Има три нови основни училишта, продолжува работењето сега на три други училишни згради, реконструирани беа голем број училишта, а во најава се 30 други. Превидено е и зголемување на процентот за инфраструктурата за високото образование, како за универзитетот „Мајка Тереза“, така и ФИНКИ, рече Шаќири.

По шест години од основањето, Универзитетот „Мајка Тереза“ сè уште нема свој објект. Студентите следат настава во привремените објекти кои универзитетот ги доби на користење.

Зграда нема и за ФИНКИ. Во 2022 година за упис на ФИНКИ интерес пројавија 1.200 апликанти, а 900 од нив на првиот уписен рок чекаа со часови за да ги поднесат своите документи. Скоро цела деценија помина од првичните најави на некогашниот министер Спиро Ристовски за „една од најсовремените и најнови згради“, за сега, актуелниот прв човек на МОН да каже дека изградбата на образовниот објект ќе биде продолжена во текот на 2023 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.