Во просториите на Управниот суд денеска беше промовиран системот за аудио и видео снимање на судски расправи „SRS Femida и Femida True Records”.

На прес – конференцијата по промоцијата на системот, претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, истакна дека ова ќе овозможи поефикасно, поефективно и потранспаретнно правораздавање во судниците.

– Надоградените нови технологии гарантираат точни записници на судските рочишта и овозможуваат да се стави крај на противречностите што се кажало или не во судница – рече тој.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, сподели дека граѓаните заслужуваат да имаат точен и целосен запис од расправата.

-Не е важно расправата во кој суд се одржува и кој е основот на предметот, снимањето треба да се случува со сите судови – потенцираше таа.

Според неа, имплементацијата на овој систем е еден од чекорите за враќање на довербата во судството кај граѓаните.

Министерот за правда, Игор Филков, сподели дека иако оваа обврска нормативно правно е уредена во законите од 2010 година, цели 14 години подоцна, дури во 2024 година, ќе се применува во Управниот суд.

-Опремата за тонско снимање во Управниот суд се инсталира денеска. Да не губиме уште 14 години и да не чекаме пресуди од ЕСЧП кои ќе наложуваат да ги применуваме стандардите за фер судење – рече тој.

Дополни дека со оглед дека веќе нема оправдување за непостоење на технологија за тонско снимање, со фактот што сите судови се опремени, како што рече, убеден е дека во наредните 15 дена системот ќе се применува насекаде.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.