На Меѓународниот ден на образованието, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, истакнува дополнителни докази за потребата од натпартиски заложби за реформи на образованието во земјата.

Квалитетното образование, вели таа, е клучен двигател на економскиот раст и развој и го забрзува остварувањето на сите човекови права. Образованието овозможува стекнување на потребните вештини и знаења за да може, по завршувањето, учениците да се вклучат на пазарот на трудот и да придонесат кон подобар економски развој. Исто така, образованието помага да се намалат нееднаквостите и сиромаштијата преку подобрување на можностите за работа и зголемување на приходите.

Резултатите од последното тестирање во рамките на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА 2022), кои укажуваат на проблеми во резултатите од учењето кај учениците, алармираат дека структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет. Подетаљната анализа на резултатите посочува зошто е потребно целото општество да ги поддржи реформите во образованието, како и на високата цена што ќе ја платиме доколку ништо не се преземе.

„Севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени меѓу 2018 и 2022 година. Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може да се претстави математички. Резултатите по читање се уште позагрижувачки, при што само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење“, рече Ди Џовани.

За да се зајакне економијата, потребна е квалификувана и компетентна работна сила. Меѓутоа, во нашата држава процентот на ученици што го постигнале највисокото ниво е значително понизок од просекот во ОЕЦД – само еден процент од учениците имаат највисоки достигнувања по математиката достигнувајќи ниво 5 или 6 (во споредба со просекот во ОЕЦД од 9 %), а речиси никој нема највисоки достигнувања по читање и наука (во споредба со просекот во ОЕЦД од 7 % во двете области). Доколку таквата состојба не се надмине, земјата и понатаму ќе заостанува во развојот на човечкиот капитал и конкурентноста.

„Образованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот. Во Македонија учениците што се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците што се социо-економски најобесправени, и тоа за дури 76 поени по математика. Ако не се надминат овие нееднаквости, системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостиг на можности“, вели Ди Џовани.

Понатаму, според анализата, Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со емиграција на млади, образовани и квалификувани луѓе и резултатите покажуваат дека овој тренд, најверојатно, ќе продолжи бидејќи задоволството на учениците од животот е значително намалено. Помеѓу 2018 и 2022 година двојно е зголемена стапката на ученици што се изјасниле дека не се задоволни од својот живот, од 7 % во 2018 година на 14 % во 2022 година.

Сепак, оптимистички е тоа што Македонија е над просекот на ОЕЦД за прашања поврзани со чувството на припадност на учениците во училиште. Во 2022 година 85 % од учениците во Македонија се изјасниле дека лесно се спријателуваат на училиште, а 86 % имаат чувство на припадност во училиштето (во споредба со просекот во ОЕЦД од 76  и 75 %, соодветно). Таквото споделено чувство на припадност треба да се искористи и да им се обезбедат квалитетна настава на учениците и стимулирачка училишна средина за да може да ги развиваат своите интереси, да се стекнат со повеќе знаења и компетенции, а со тоа да си обезбедат подобар живот.

Училиштата исто така треба да им овозможат на учениците да стекнат широк спектар на дополнителни вештини, како што се справување со емоциите, преговарање, решавање проблеми, емпатија и комуникација. Овие вештини, вели Џовани, им помагаат на учениците подобро да учат, да бидат глобални граѓани, оспособени да се справат со личните, социјалните, академските и со економските предизвици, истовремено помагајќи им и на младите луѓе што се справуваат со тешкотии да се справат со предизвиците и да изградат отпорност.

За да се подобрат овие резултати и квалитетното инклузивно образование да стане реалност за сите деца, политичките лидери и носителите на одлуки треба да се согласат дека навистина е потребно да се зголемени јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа, вклучително и во предучилишното образование, истовремено обезбедувајќи ефикасна и правична распределба на ресурсите за општините и училиштата. Образовниот систем треба да има доволно финансии за да им овозможи на училиштата да ги достигнат националните образовни стандарди и да ги олеснат пристапот и инклузијата на најранливите деца вклучувајќи ги и оние со попреченост, од етничките малцинства и од посиромашните домаќинства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.