Студенти и ученици од Македонија пристигнаа во Софија, Бугарија, на дводневна посета. Младите се истомисленици на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов” во Битола и дел од долгогодишната програма на Фондацијата Бугарска меморија за градење на добрососедски односи- пишува на страницата на фондацијата, на чие чело е Милен Врабовски, човекот кој ги финансира бугарските клубови во Битола и Охрид.

Објавени се повеќе фотографии од учениците, како и појаснување дека заедно со нив во Бугарија допатувале Жанета Сервини, директорка и Љупчо Здравковски, заменик директор на средното техничко училиште ,,Ѓорѓи Наумов” од Битола.

Според информацијата која ја објави фондацијата на Врабовски, на учениците им било одржано предавање од страна на старешина од Националната гарда на Бугарија, Димитар Борисов, кој предавал на тема поврзана со историјата на гардата, а пак Врабовски им раскажал за приоритетите и причините за основањето на фондацијата, како и за многубројните донации кои ги остварил во Македонија.

Пишува и дека учениците го посетиле Националниот историски музеј, а исто така се забавувале и на картинг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.