Црната листа на САД влегува во македонското законодавство. Министерството  за надворешни работи до владата ќе предложи измени на Законот за рестриктивни мерки со кои за македонски граѓани кои ќе се најдат на американската црната листа владат ќе преземе обврска веднаш да постапи, односно да ги побара доказите за таквата одлука и да ги достави до македонското обвинителство. Ова денеска на брифинг за новинарите како дел од јавната дебата за измените на Законот го сопшти шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

Покрај Совет за безбедност и ЕУ, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се велидна основа за воведување на рестриктивни мерки, рече Османи.

Со измените се проширува и основот по кој ќе може да се воведуваат санкции. Па така освен загрозувањето на меѓународниот мир и меѓународната безбедност, почитување на човековите права и основните слободи и развој на демократијата и владеењето на правото, ќе се санкционира и корупцијата, органзиираниот криминал, злоупотреба на службена должност и хибридни закани против државата.

Предвидено е да се прошири и листата на институции кои ќе можат до владата да предложат воведување рестриктивните мерки, па освен МНР, на списокот ќе се најдат и АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиско разузнавање, по што доказите за таквото барање веднаш треба да му бидат доставени на обинителството.

ЈО законски веднаш се обврзува да почне кривична постапка вклучувајќи и конфискација на имот. И дококу заврши таа истрага со подигнување на обвинение тогаш се воведуваат два нови инструменти, а тоа е времено престанување на вршење јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука, информираше Османи.

За измените на законот биле консултирани експерти од Министерството за правда кои на предлагачот МНР му посочиле дека одредени одредби се спротивни на Европската конвенција за човекови права, во делот на пресумпцијата на невиност, но од МНР се уверени дека мерката за времено оддалечување од вршењето на јавна функција или учество во тендери, како рестриктивни мерки до правосилна пресуда, ќе поминат.

Во владата, како што вели Османи, пости расположение измените на законот да бидат одобрени, а во Собранието би оделе по забрзана постапка, најверојатно со европско знаменце, за да бидат усвоени пред изборот на техничката влада.

Инаку измените на Законот за санкции следи по три дополнувања на црната листа на САД со македонски граѓани во изминатите две години, односно откако на неа се најдоа поранешнот премиер Никола Груевски и екс-шефот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисмените Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, но и по најавата од американската амбсадорка во земјава, Анџела Агилер, дека на листата ќе се најдат и други имиња.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.