Централниот регистар до новоформираната Комисија за употреба на историските имиња во рамки на Министерството за правда, доставил иницијатива за проверка на имињата на сите 17.000 здруженија регистрирани во земјава, изјави директорката на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски за ТВ 24.
– Испратена е комплет документација, а генерално статутите и програмите се речиси идентични кај сите здруженија, нема некоја разлика. Сите се земени од базата во Централниот регистар, со таа разлика што кај бугарските има некои реченици во смисла дека ќе ги штити бугарските интереси итн., но тоа не е доволен момент за да не може да се регистрира тој правен субјект, вели Бошковска-Јанковски.
Таа појаснува дека Централниот регистар е „само евидентно тело и база на податоци“ и нема надлежност да каже дали некое здружение може да се регистрира или не.
– Ако правниот субјект ја поднел целата потребна документација и во пријавата и во прилозите потребни за регистрација ги исполнува условите, ние не можеме да му кажеме дали ќе биде регистриран или не. Ние постапуваме исклучиво според Законот. Сега, со измените во Законот за здруженија и фондации, ако некое здружение побара да се регистрира, а притоа има спорно име, ние ќе бараме дали тој правен субјект има согласност од Министерството за правда за регистрација, додава Бошковска Јанковски.
Во однос на промената на спорните имиња на бугарските клубови, Бошковска-Јанковски наведува дека здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид почнало процедура за усогласување со измените на Законот за здруженијата и фондациите, но поднесената документација до Централниот регистар не е целосна, додека битолското здружение „Иван Михајлов“ пак воопшто не иницирало промена на името во законски предвидениот рок.
Бошковска Јанковски појасни дека иако поднесената документација на здружението „Цар Борис Трети“ за промена на името не била целосна, сепак е почната постапка.
– Отворен е деловоден број и (здружението) е информирано дека треба да постапи согласно Законот, односно да достави пријава и проследна документација за да го изврши усогласувањето. Ова е можеби купување време, но ако достават пријава како што треба, ќе биде информирано Министерството за правда да почека со одлуката, вели Бошковска Јанковски.
Согласно измените на Законот за здруженијата и фондациите, во член членот 8 став 3 се додаваат две нови алинеи и тоа дека „како име или назив на здружение не можат да бидат употребени имиња што по која било основа во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстремизам, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх. Ако во името на здружението е содржано такво име, одобрение дава министерот за правда, по препорака на Комисија која ќе биде формирана од министерот за правда со претставници на Министерството за култура, Институтот за национална историја, МАНУ и Министерството за правда“.
Две нови алинеи се додаваат и во членот 18 став 2 кои предвидуваат дека „целите на здружението не смеат да предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх. Дејностите со кои се остваруваат целите не смеат да ги предизвикуваат горенаведените нетрпеливости.“
Измените предвидуваат и ретроактивно дејство на Законот и тој се однесува и на веќе регистрираните здруженија и фонации, па така во завршните одредби се предлага здруженијата и фондациите што нема да постапат според наведените измени да бидат избришани од Регистарот со одлука на министерот за правда.
Рокот на сите здруженија за усогласување со законските измени истече на 16 февруари, а оние кои нема да се усогласат треба да бидат избришани од Централниот регистар со одлука на министерот за правда најдоцна до 16 март, врз основа на мислење добиено од новоформираната Комисија за имиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.