Секој што ја читал драмата Чекајќи го Годо знае на што точно мислам. Годо (во случајов – туристите) нема сам да дојде колку и да го чекаш, треба да му создадеш услови, да го осмислиш, да работиш, да го врендираш, промовираш…па дури тогаш – ќе дојде! За жал, од вчерашната изјава на самопрогласениот директор Љупчо Јаневски сфаќаме дека македонскиот туризам од ЌЕ ТУРИЗАМ, се претвори во ОЧЕКУВАМЕ ТУРИЗАМ, стои во објавата на Централна комисија за туризам на ВМРО-ДПМНЕ.
Па да го потсетиме Јаневски што сè очекуваме откако е дојден на чело на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот:
– Ја очекуваме стратегијата за туризам;
– Ја очекуваме квалитетната инфраструктура;
– Ја очекуваме промената на моделот за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет;
– Ја очекуваме измената на Законот за туристичка дејност;
– Ја очекуваме измената на Законот за угостителска дејност;
– Ја очекуваме дигитализацијата во туризмот;
– Ја очекуваме туристичката инспекција;
– Ја очекуваме туристичката полиција…
И…додека македонскиот туризам очекува, ни заминува и последниот келнер, кувар, рецепцинер…
Единствено нешто што не недостасува во приказната македонски туризам е посетата на саемите од страна на саемскиот, самопрогласен директор (новинар) Љупчо Јаневски, кој сето ова го говори петта година со ред.
Само за споредба, додека саемскиот директор се фали со остварени над 2,8 милиони ноќевања, Србија остварила 12,2 милиони ноќевања!
И бидејќи нашиот не знае, да му кажеме како Србија го постигна тоа.
Прво, Србија беше една од првите земји кои се отворија за странските гости во текот на пандемијата, додека нашата Македонија беше затворена за странски гости, бидејќи Македонија на чело со вака неспосеобен кадар не може да се приспособи шест години, а камоли така одненадеж! Штета што Корона вирусот не ни се најави бар 10 години унапред, па можеби ќе го дочекавме подготвени.
Второ, на домашните туристи Србија им додели 354.000 ваучери за одмор во Србија, додека во Македонија реализацијата на ваучерите беше едвај 55%.
Трето, Србија бележи раст на туризмот заради префрлање на промотивните активности во дигиталната сфера, додека кај нас дигитализацијата во туризмот значи неповрзани институции и како што кажав погоре, е на ниво на најава со години.
Четврто, Србија бележи раст и благодарение на спортските случувања, кои кај нас не се ни на ниво на најава.
И петто, растот на туризмот во Србија е благодарение на поволната сообраќајна инфраструктура која кај нас е благо речено – катастрофална, ги брка туристите и создава лоша слика за државата!
Најверојатно саемскиот патува со авион и не знае, па во своите изјави не ја ни спомнува ужасната инфраструктура како причина за лошата состојба во туризмот.
Исто така, додека ОЧЕКУВАМЕ, вреди да се спомне дека:
– Немаме релевантни, официјални бројки од наша државна институција за остварен промет од типот на: учество на туризмот во БДП, учество на туризмот во вработеноста, во вкупниот извоз…или со еден збор, немаме никаква домашна статистика за економскиот импакт на туризмот;
– Податоците за сместувачки капацитети (број на соби, опременост и слично) се од 2015та година, или поточно од времето на претходната влада, кога некој анализираше, работеше и нудеше решенија, наместо ДА ОЧЕКУВА.
И за крај – ДА, ОЧЕКУВАМЕ!
Очекуваме на чело на туризмот да дојдат способни личности кои нема да оставаат туризмот да ни се случува стихијно: Кој – дојде – дојде!, туку ќе работат на реална промоција на Македонија како туристичка дестинација, на вистинска дигитализација во туризмот, на развој на нови форми на туризам, на нови стратегии во туризмот итн.итн.
Во спротивно, ќе останеме на шините на времето и наместо Годо (туристите) ќе бидеме прегазени од возот на времето затоа што ненапредување во туризмот не значи стоење во место, туку значи големо назадување.
Сета среќа што наближуваат изборите за конечно на чело на бродот наречен Македонски туризам да застане капетан кој ќе знае дека сидрито – никако не влече напред, стои во објавата на Комисијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.