Целта на нашата дипломатија е да се затвори прашањето со соседна Бугарија и соодветно на тоа да се направи и официјалниот почеток на преговорите, истакна денеска универзитетскиот професор, Васко Наумовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Но, според негово мислење иако ќе се формира нова Влада во Бугарија нема да се стабилна и затоа како што вели помалку веројатно е да се постигне решение со нашиот билатерален спор.

– Имавме избори во Бугарија, во однос на рејтингот на политичките сили таму, согласно оние први најави коишто ги слушаме од страна на лидерите на политичките партии во Бугарија не би бил голем оптимист дека во скоро време да се надеваме на формирање на стабилна политичка Влада и многу веројатно дека во текот на наредната година ќе бидеме сведоци на нови предвремени парламентарни избори во Бугарија. Што значи ќе биде уште помалку веројатно да се постигне некое решение, во врска со нашиот билатерален спор. Останува таа комуникација, којашто ја има нашиот политички врв со Претседателот, Радев. Меѓутоа лично сметам дека додека немаме стабилна политичка Влада во Бугарија не би имале партнер со којшто би можеле да разговараме за некакви измени во она што е договорено од претходната Влада, вели Наумовски.

 

Тој истакна дека согласно претходните циклуси на проширување, ЕУ тежнее да прими во еден циклус повеќе држави. Но, како што вели во нашиот случај, нашата земја е во апсурдна ситуација, бидејќи веќе се зборува за членство на Украина и на Молдавија, а земјите од Западниот Балкан се многу понапред од овие држави и имаат билатерални пречки.

-Тука е вториот проблем којшто го има ЕУ, непостоењето на механизам да се надминат тие билатерални проблеми, односно проблемите коишто постојат помеѓу држава членка на ЕУ и држава кандидат и наместо да се фокусираме на Копехагенските критериуми и исполнување на европските стандарди, ние се занимавме со прашања поврзани со историјата, коишто на ниту еден начин не се поврзани со исполнување на услови, вели Наумовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.