По повод 3-ти декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ организира трибина на тема „Инклузивно образование во Република Македонија, состојби, предизвици и перспективи“ на која свое обраќање имаше Снежана Трпевска, член на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, координаторка на работната група за ученици со посебни образовни потреби.
Да видиме што во суштина се случува во пракса. Да тргнеме од наставниците, во однос на наставниците да го поставиме прашањето затоа што најзасегнати односно оние кои се директно вклучени во инклузивниот процес се наставниците, родителите и учениците. Од аспект на наставник, ние треба да го поставиме прашањето што наставникот може, како и што може, што прави и дали може тоа да го прави наставникот. Колку наставникот е оспособен за сето ова. Затоа што многу често можеби наставниците стекнале компетенции за работа со деца со посебни потреби меѓутоа дали наставниците тие компетенции што ги стекнале може да ги применат и дали уште им требаат компетенции со кои што тие може да се стекнат за работа со децата со посебни потреби. Ние гледаме и слушаме со кои се проблеми се соочуваат родителите. Родителите поминувајќи низ лавиринтот наречен инклузивно образование со надеж дека ќе стигнат до целта која ја избрале тие се соочуваат со секакви притисоци. Родителите на тие деца се изложени на дополнителни финансиски трошоци, со соочуваат со секакви потешкотии и проблеми а секогаш се спремни да партиципираат во училиштето меѓутоа сето тоа за нив претставува еден голем предизвик истакна Трпевска.
Магдалена Петреска, член на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, која воедно доаѓа од едно од најголемите училишта во Македонија која што сподели колку во нејзиното училиште е развиен процесот на инклузија на лицата со попреченост.
Петреска додаде дека во изминатите две години со голема помош и поддршка од Општина Аеродром и градоначалникот, училиштето станува едно од најинклузивните училишта во државата и дека во однос на опрема училиштето е опремено од се. Има пристапни рампи, тактилни патеки, внатрешни подвижни рампи, инклузивен лифт, инклузивен тоалет и со една општествена одговорна компанија, минатата учебна година е создадена и сензорната соба.
Кога ќе видиме од една страна што е инклузијата на хартија и колку училиштата се подготвени, можеме да кажеме дека инклузивното образование навистина функционира, меѓутоа праксата, секојдневието покажува нешто сосема друго. Борбата допрва започнува. Сево ова е некаква подготовка на она што значи вистинска имплементација и на она што нарекува тотално инклузивно образование во основните училишта, рече Петреска.
Александра Јаковчевска, член на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за една поспецифична тема, а тоа е образованието на лицата со оштетен вид.
Во рамките на Македонија постои едно единствено училиште кое што нуди образование и воспитание на децата со оштетен вид а тоа е државното училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов. Освен во ова училиште секако родителот кога станува збор за ученици со оштетен вид има право да ги запише учениците и во редовните училишта без разлика дали станува збор за основни или средни училишта. И овде можеби треба да биде таа појдовна точка на промени, кога ќе се формира владата на ВМРО-ДПМНЕ а тоа е дека во законот мора да им дадеме шанса на родителите да изберат дали нивното дете ќе го упатат во редовно училиште или дали ќе го упатат во специјално училиште. Она што е специфично и по кое што се одвојува нашето училиште и нашето основно образование е дека имаме еден предмет кој што е многу важен за учениците со оштетен вид а тоа е предметот ориентација и мобилност, во нашето училиште се спроведува индивидуално и во новата концепција според наставниот план задолжително има по два часа неделно да се работи на адаптација и мобилност на учениците со оштетен вид. Тука е прашањето дали во редовните училишта се работи овој предмет. Секако одговорот е не. Специфично е и тоа дека имаме ученички дом во кој што спроведуваме социјална инклузија. Низ годините наназад ова се покажа како добар пример за социјална инклузија, нагласи Јаковчевска.
Слободанка Џеповска, член на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, која има долгогодишно искуство во училиштето за деца со оштетен слух и говор, при што истакна дека ситуацијата во училиштето е тешка, пред се, од причина што во 2019 година владата предводена од СДС и ДУИ го донесе фамозниот Закон за основно образование кој што веќе врши забрана за запишување на ученици во редовното основно училиште за деца со оштетен слух и говор во Битола, заводот Кочо Рацин и од оваа учебна година училиштето веќе не прима ученици и работи како ресурсен центар.
Од тие причини, онаа траекторија која што речиси 70 години сме ја имале, веќе наидува на пречка. Ние од тоа основно училиште, во средно, не можеме да ги добиваме по директен пат учениците, тие се веќе растурени во системот, запишани во училишта кои што им се најблизу до местото на живеење, кои што често пати не соодејствуваат со нивните потреби и не ги задоволуваат нивните барања. Истовремено, нашето училиште се наоѓа под закана на уште еден проблем и тоа што во последните години ние забележуваме дека се помал број на ученици со оштетен слух и говор се запишуваат во него, па ние сме приморани сите оние останати попречености и оние не запишани ученици и да обрнеме внимание дека можат во нашето училиште да ги добијат условите согласно нивната посебност. Учениците со оштетен слух и говор се запишуваат во редовни средни стручни училишта во кои што имаат можност само да се интегрираат, а не и да се инклузираат и тоа не содејствува согласно нивната специфика, рече Џеповска.
Мора да се крене на повисоко ниво свеста, едно слушаме ние како родители, друго гледаме, а вистината е трета, изјави Марина Билбиловска, родител на дете со посебни образовни потреби.
Таа додаде дека тие како родители не бараат сожалување, туку им требаат конкретни работи, конкретна помош.
На секој родител, на секое дете потребен му е мултидисциплинарен пристап и сметам дека инклузијата и воспитанието треба да отпочне уште во градинките. Ако децата од мали нозе се привикнат на децата со попреченост, потоа нема да им претставува страв, грижа или терет. Морам да нагласам дека едукација на професионалниот кадар без разлика градинка или училиште мора да има. Мораме да се стремиме кон тоа државата да си го преземе својот дел од одговорноста, точно и конкретно, рече Билбиловска.
Таа посочи дека кај нас пречесто се прави дистинкција, помеѓу лицата со инвалидност и лицата со попреченост и додаде дека како родители апелираат дека на децата и лицата со попреченост им е потребно посебно основно образование, и посебно средно стручно образование.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.