Соработката на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и УНФПА во делот на застапувањето на човековите права, биле тема на разговор на средба во Скопје меѓу министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и Флоренс Бауер, регионалната директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Особен фокус на средбата бил ставен на регионалната Конференција „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија за жени и девојчиња” која се одржа во Скопје и конференцијата која за 10 дена ќе се одржи во Женева и ќе претставува дел од мозаикот на дискусиите кои имаат за цел да придонесат во поголемото почитување на човековите права.

Од МТСП информираат дека Бауер и Тренчевска разговарале и за важноста на Стратегијата за демографски политики и Акцискиот план кој моментално е во подготовка и треба да придонесе во унапредување на прашањето за миграции и стареењето на населението како предизвик со кој се соочува државата, но и целиот регион воопшто.

На средбата се разговарало и за анти-родовите движења кои се активни во нашата држава, нивното загрозување на човековите права и наоѓањето на заедничко решение за справување со предизвикот пред кој е исправена државата. Присутните истакнале дека напредокот кој го постигнала Македонија изминатиот период во обезбедување на човековите права и еднаквост, не смее да сопре и дека токму ваквата партнерска поддршка е клучна за тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.