Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари средба со шведската амбасадорка во нашата земја, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која беа потврдени добрите меѓудржавни односи, поддршката која Шведска и ја дава на нашата држава и соработката на повеќе полиња значајни за градење на современо општество.
Главна тема на средбата беше родовата еднаквост во општеството, владините политики и нивна имплементација, вклученоста на институциите и граѓанскиот сектор.
Министерката Тренчевска ја истакна заложбата на Владата за унапредување на родова еднаквост во општеството. Во таа насока таа се осврна на новиот Закон за родова еднаквост, кој е во финална фаза и наскоро треба да влезе во владина процедура.
Новиот Закон за родова еднаквост обезбедува потполна родова еднаквост, зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење. Градиме општество во кое жените и мажите ќе ги имаат истите привилегии и одговорности кои ќе ги остваруваат во вистинско заедничко партнерство, рече Тренчевска.
Таа информираше дека наскоро ќе биде отворен и Ресурсен центар, кој што е всушност тренинг центар за обуки на државните службеници во областа на родово одговорно креирање на политики и буџетирање.
Министерството подготови и нова Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година, која е во собраниска процедура, чија цел е унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски, препознавајќи дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество. Исто така, во подготовка е и Национален акциски план за родова еднаквост 2022-2024.
Амбасадорката Бенгтсон, изрази интерес и за политиките на земјава и мерките кои се преземаат за поддршка и унапредување на животниот стандард на ромите, како ранлива категорија на граѓани во нашето општество.
Министерката Тренчевска истакна дека еден од приоритетите на Владата е унапредување на интеграцијата на Ромите во сите сегменти на општественото живеење, образованието, вработувањето, домувањето, регулирање на матичната евиденција.
Таа посочи дека министерството работи на вклучување на децата Роми во предучилишното образование и воопшто подигнување на свеста во ромските семејства за значењето на образовниот процес. Во таа насока е и воспоставувањето на центрите за деца од улица, кои функционираат на дневна основа и ги подржуваат овие деца во образовниот процес. Такви центри има во Кисела Вода и Шуто Оризари, а се воспоставени во соработка со граѓанските организации. Таа се осврна и на поддршката на семејствата во ризик со нивно вклучување во системот на социјална заштита, како корисници на ГМП, но и нивна активација на пазарот на труд.
Двете соговорнички изразија уверување за понатамошна продлабочена соработка, од која директна придобивка ќе имаат граѓаните на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.