Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претседателот на Националниот сојуз на слепи лица Жарко Селковски, како и претставници од двете страни, на која се разговараше за паричните права и услуги од системот на социјална заштита во нашата држава и можностите за нивно унапредување.
Соговорниците разговараа за можностите за зголемување на висината на правата, достапноста на ортопедските помагала, зголемување на средства кои се издвојуваат од игрите на среќа за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст, можностите Националниот сојуз да стане лиценциран давател на услуги од социјална заштита, како лична асистенција и воспоставување на центар за рехабилитација, соопшти МТСП.
На средбата претставниците на Министерството информираа дека со експертска поддршка од Европската Комисија, ќе се работи во делот на реформирање на правото за помош и нега од трето лица и правото за попреченост и нивно поврзување со индивидуалните потреби на корисниците. При што, се земаат во предвид позитивните примери на земји како Австрија и Словенија.
Исто така, беше истакнато дека во јуни ќе биде доставен во владина процедура Предлог закон за единствен систем за проценка на лицата со попреченост.
Министерството за труд и социјална политика во соработка со останатите релевантни институции ќе работи во насока на унапредување на положбата на слепите лица во нашата држава. Веќе е закажана средба со министерката за култура за вработување на слепи лица во Националната универзитетска библиотека.
Во делот на барањето за пристапноста на веб страните и мобилните апликации на државните органи, Национален совет беше информиран дека од страна на МИОА е формирана работна група за имплементација на оваа директива и изработка на предлог законски решенија за пристапност на овие содржини .
Изминатата година висината на посебниот додаток беше зголемена за 15% за сите три подвидови на корисници. Дополнително, во месец јануари се направи усогласување на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. Корисниците на правата добија за 14.2 % повисоки исплати на правата чии корисници се. А за корисниците на посебниот додаток тоа е зголемување на правото за речиси 30%.
Владата на Република Македонија, како дел од последниот пакет антикризни мерки за поддршка на ранливи категории на граѓани ги опфати и лицата со попреченост. Па така, со Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза беа обезбедени парични средства од 3.000 денари месечно во времетраење од четири месеци или вкупно 12.000 денари, наведуваат од МТСП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.