Во организација на канцеларијата на ОБСЕ во Република Македонија беше организирана Тркалезна маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против родово базираното насилство врз жени и девојки во Република Македонија“. Настанот е организиран во рамките на 16 денови активизам за борба против родово базирано насилство. На тркалезната маса министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска зборуваше на тема „Улогата на институциите во борбата против семејното насилство“.

„Како институции заедно со граѓанските организации и агенциите, за родово базираното насилство не зборуваме само овие 16 денови за борбата против насилството туку зборуваме секој ден, како за она што го имаме направено, така и за она што треба да го направиме. Насилството е комплексна работа и затоа треба да се вклучат и во превенцијата и заштитата сите релевантни чинители“ рече Тренчевска.

Таа во делот на законската рамка и заложбите на Владата во однос на насилството ја истакна ратификацијата на Истанбулската конвенција резултираше со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство донесен во 2021 година. Покрај тоа министерката истакна дека покрај законските рамки по претрпено односно извршено насилство потребно е да се работи со жртвите меѓутоа и со насилниците.

„Воспоставивме 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во 6 плански региони. Покрај засолништата, Министерството за труд и социјална политика има воспоставено и специјализирани советувалишта на територијата на Република Македонија  во 7 Плански региони. Воспоставени  се 10  специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и  8 специјализирани советувалишта  за психо-социјален третман за сторители  на семејно насилство“ истакна Тренчевска.

Таа во нејзиното обраќање истакна дека законската рамка иако е најчесто повторувана во јавноста и во изјавите тоа е почетната точка во борбата против насилството меѓутоа истакна дека борбата ќе биде целосна само кога ќе се вложува подеднакво и на социјалниот аспект во помош и превенција од родово базирано насилство. Министерката зборуваше за важноста од економското зајакнување, образованието и менталното здравје во борба против насилството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.