Според извештајот на Транспаренси Интернешнл, корупцијата во Македонија останува на високо ниво. Измените на Кривичниот се главната забелешка, а институциите остануваат глуви на критиките и препораките, според Транспаренси Интернешнл.

Македонија е рангирана на 76. место од 180 држави во светот според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година што традиционално го објавува меѓународната организација Транспаренси Интернешнл.

Земјава има освоено 42 бода на скалата во која нула значи дека една држава е многу корумпирана, а 100 – некорумпирана односно држава чиста од корупција.

Она што најмногу го привлече вниманието на Транспаренси Интернешнл кога станува збор за борбата против корупцијата се измените на Кривичниот законик што беа донесени во Собранието на почетокот на септември 2023 година. Како забелешка, меѓународната организација ги посочи и во глобалниот и во извештајот за Источна Европа и Централна Азија.

Во септември 2023 година, Парламентот на Република Македонија значително го поткопа судството. Нетранспарентно, по брза постапка, пратениците го изменија Кривичниот законик кој доведе до намалување на затворските казни и скратување на застареноста на делата за злоупотреба на службената положба. Ова ќе предизвика застарување на околу 200 претпоставени случаи за корупција од кои во многу се вклучени поранешни функционери на високо ниво, пишува во извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата.

Судството и јавното обвинителство, кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против корупцијата повторно покажале ниска доверба кај граѓаните што е загрижувачки.

И онака нискиот процент на доверба од четири отсто падна на еден отсто што е реален показател на тоа дека главните институции кои треба да ги применуваат законите и да одредуваат што е во согласност со правото, треба да имаат огромно подобрување во нивната работа“, рече претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски при презентацијата на извештајот.

Во светот се бележи генерален пад на функционирањето на правосудните системи за што порака испрати и претседателот на Транспаренси Интернешнл Франсоа Валеријан.

Корупцијата ќе продолжи да напредува сè додека правосудните системи не можат да го казнат престапот и да ги држат владите под контрола. Кога правдата се купува, а политиката се меша во неа, народот е тој што страда. Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институциите кои го почитуваат законот и се справуваат со корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста на корупцијата“, рече Валеријан.

извор: РСЕ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.