Премиерот и Владата имаат јасни ставови за начинот на кој може да се бара излез од статус квото оптоварено со историски теми. Тоа е двонасочна улица. Исто како и довербата. Мојот личен став е дека мора да се почне да се работи на создавање доверба и уривање на табуата – вели заменик-министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков за Република, зборувајќи дали има расположение во ЕУ да се прифати предлогот на Мицкоски за уставни измени со одложено дејство.

Според Трајков, треба да се искористи економијата, трговската размена, културата, образованието, заеднички меѓугранични проекти кои и, всушност, самата Европска Унија ги потпомага.

Да се покаже дека за двете земји поважна е соработката отколку фокусирање на меѓусебните разлики. Факт е дека за овие прашања има разлики, а наша обврска е да работиме и да ги решаваме. Таквите непропорционални пристапи, како овој кон нас, се проблем и за Унијата колку и таа да има и внатрешни предизвици. Мора да сме свесни дека евроскептицизмот е непријател на нашата агенда и ние мора да покажеме пред граѓаните исправноста на одлуките кои ги носиме. Европската Унија кај нас се идентификува со квалитетен живот, висок стандард и цивилизациски вредности кон кои се стремиме. Мора заеднички да се приближиме и со внатрешни реформи да работиме на сите грешки кои се направени во минатото, да ги направиме институциите функционални, ефикасни и да ја донесеме Европа тука. Предлогот на премиерот Мицкоски не е отфрлен, на дипломатски план е многу направено иако се поминати само 100 дена откога сме ја превзеле власта. Тоа е прекратко време да се зборува за каква било оценка – вели таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.