Македонците по потекло од пограничното село Горно Крчишта, Општина Пешкoпеја, Албанија, по повод патрониот православен празник Вознесение Христово-Спасовден, утре ќе одржат средба, која по иселувањето стана традиција. Иако празникот секогаш се паѓа во четврток, со цел да може да присуствуваат поголем број Македонци, иселени од ова село, како и нивни потомци, традиционалниот собир, последните години се одржува во сабота, веднаш по празникот, со собир во црквата „Свeти Спас”.
Собирот почнува во 9 часот со свечена богослужба, по што продолжува заедничкото дружење и закуска.
Очекуваме присуство на Македонци од Ербеле и Крчишта и Македонци по потекло од овие села а кои се иселени во други градови на Албанија и Македонија. Сите се добредојдени, да ја продолжиме традицијата, стои во објавата на организаторот, на Фејсбук.
Црквата е изградена во 1232 година и е споменик на културата. За време на режимот на Енвер Хоџа била претворена во магацин.
Во јуни 2009 година црквата „Свети Спас”, е преосветена, а одредени неопходни градежни активности се реализирани со помош на Македонците од Крчишта, кои мигрирале на македонска територија, на почеток во Дебар а потоа во Скопје и Охрид.
Крчишта и Ербеле се македонски села кои се наоѓаат во областа Поле, оддалечени 10 километри од Дебар. Некогаш биле населени со Македонци, но, сега се останати само неколку македонски семејства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.