Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари телефонски разговор со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан.
Тема на разговор беше инвазијата на Русија врз Украина, при што министерот Османи ја реафирмираше државната позиција за остра осуда на воената интервенција, упатувајќи притоа и повик за прекин на воените дејствија и повлекување на руските воени сили.
Османи, ја реафирмираше поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а беше поздравена и воената и хуманитарната помош што земјава ја обезбедуваат како израз на солидарност и поддршка за украинскиот народ.
Во рамки на разговорот, беше поздравена светската осуда на воената инвазија, при што беше забележано дека недостасува соодветна реакција од страна на НР Кина со јасна осуда за руската агресија. Во таа смисла, беше истакната потребата од заеднички глобален повик до Русија за прекин на воените активности што претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност.
Министерот Османи упати благодарност до американската страна за континуираната поддршка за стратешките цели на Македонија, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан. Ја нагласи потребата за зајакнато американско присуство во нашиот регион како силна гаранција за регионалната и европската безбедност.
Соговорниците ги поздравија билатералните односи меѓу САД и Македонија базирани на стратешко партнерство и традиционално пријателство и изразија заемна готовност за нивно понатамошно надградување во периодот што следи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.