Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари телефонски разговор со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан.

 

На разговорот беше направен осврт кон соработката меѓу двете земји во рамките на Стратешкиот дијалог. Османи реферираше за новиот акциски план кој е во финална фаза на усвојување во Владата, со што проектите и областите договорени во рамките на Стратешкиот дијалог ќе станат дел од Владината програма за работа.

 

На средбата беа отворени темите за регионалните актуелности, состојбата на Северот од Косово, како значајно прашање со поширок импакт во регионот. Соговорниците ја реафирмираа поддршката за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, повикувајќи на активности за деескалација на состојбата, повлекување на барикадите и обезбедување непречени услови за владеењето на правото.

 

Тема на средбата беа и актуелните политички состојби во земјава, со фокус на европското досие и преземените обврски за непречено продолжување на процесот на преговори преку исполнување на обврската за Уставни измени во земјава.

 

Соговорниците разменија мислење и за приоритетите и амбициите на Македонија при од претстојното претседавање со ОБСЕ за што беше реафирмирана поддршката од САД за успешно претседавање на земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.