Членовите на Комисија за прашања на изборите и именувањата, со седум гласови „за“, пет „против“ и без воздржани, ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева да биде предлог судија на Уставниот суд. Седницата продолжи со расправа за кандидатот Тодор Витларов, вработен во штипското обвинителство.

Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница повторно кажа дека би било добро потенцијалните уставни судии сами да се претстават пред пратениците, со цел, како што посочи, пратениците да можат да постават прашања и потоа да направат евалуација.

Тој ја образложи кратката биографија за Витларов и порача дека доколку би го избрале, би имале уставен судија со кој, како што рече, „особено би се гордееле“.

Антонио Милошоски исто така од ВМРО-ДПМНЕ посочи на дел од наведените работи во биографијата на Витларов за кои смета дека се од голема важност и оти треба да се земат предвид при неговиот избор. Тој направи споредба на биографијата на Васиќ Бозаџиева и Витларов, и, посочи дека според истата, како што рече, „Витларов е истакнат правник, Васиќ Бозаџиева не е истакнат правник“.

Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а по завршувањето на расправата за Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.

Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.