Добрососедските односи се градат со добра желба, дијалог и меѓусебна почит, само така се возможни прифатливи и одржливи решенија, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната завршна прес-конференција на состанокот на ПСЈИЕ во Скопје.
За неа, како што рече, е исклучително важно членките на ЕУ од регионот, да ги поддржат сите учесници во процесот.
„Тоа значи да нѐ поддржат нас, кои не сме членки на ЕУ, на нашиот европски пат, особено во споделувањето на научените лекции, добрите практики и на искуствата во реформските процеси, така се гради инклузивна регионална соработка“, рече таа.
На прес-конференцијата Сиљановска Давкова потенцираше дека ЕУ во оркестарот треба да го вклучи и Западен Балкан.
„Свесни сме дека постои замор од проширувањето, но постои и уште поголем замор со чекањето. Затоа во својство на претседавачи на ПСЈИЕ ги охрабрувам европските партнери да останат доследни, кредибилни и принципиелни кон европската идеја. Не е доволно да велите дека ЕУ е недовршена приказна и недовршена симфонија без Западниот Балкан, туку треба во оркестарот да го вклучите и Западниот Балкан, треба и тој ноти да пишува и да учествува во европските работи“, истакна претседателката.
Визијата за ЕУ, како што дополни, нè одржува во демократска кондиција и нè фокусира на реформите, односно, ни помага на европски начин да ги затвораме отворените билатерални прашања.
Претседателката нагласи дека проширувањето е влог во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Затоа, според неа, процесот на пристапување мора да се заснова на меритократија, односно на заслуги и на доследно спроведени реформи. Таа порача дека ЕУ мора да ја зајакне пристапната динамика во регионот.
„Иновативен инструмент е и новиот план за раст на Западен Балкан кој што треба да го доближи регионот до единствениот пазар на ЕУ. Неопходно е да ги подобриме нашите национални капацитети во однос на безбедносното прашање, да бидеме хармонизирани со ЕУ, да ја продолжиме соработката со НАТО алијансата која што има примарна улога во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот. Истовремено, да дадеме поддршка на политиката на отворени врати и на евроатлантските аспирации на земјите од регионот“, рече таа.
Во однос на економската соработка, како што дополни, нам ни е потребно енергетско, инфраструктурно и дигитално поврзување, затоа што, според неа, регионалната економска интеграција има единствено потенцијал да го поттикне растот, да ја зголеми конкурентноста, да создаде можности за вработување и да одговори на демографските предизвици, односно егзодусот на младите со кој што се соочуваат сите во регионот.
Сиљановска Давкова ги спомена и климатските промени, еколошките предизвици и зелената и дигитална транзиција како уште едно од прашањата за кои е неопходна координирана акција.
Македонската претседателка кажа дека искчучително е важно членките на ЕУ кои се дел од Партнерството за соработка во ЈИЕ да ги поддржат земјите од Западен Балкан на европскиот пат.
Денешниот состанок го оцени како мошне позитивен и им се заблагодари на поранешниот претседател Стево Пендаровски и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои беа вклучени во овој процес.
На прес-конференцијата зборуваа и Бајрам Бегај, претседател на Албанија која од 1 јули го презема претседавањето со ПСЈИЕ, и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.