Предлог на закон за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, е на дневен ред на продолжението на 91. седница на Собранието на Македонија.
Со Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно.
Предлагачи на Законот се пратениците Даниела Колева, Даниела Николова, Драгица Ѓавочанова, Емилија Рамбабова, Жаклина Лазаревска, Зекир Рамчиловиќ, Лидија Тасевска, Љатифе Шиковска, Марија Костадинова, Марија Кочовска, Моника Зајкова, Мухамет Кадриов и Санела Шкријељ.
Жаклина Лазаревска од СДСМ во образложението на предложеното законско решение, вчера на собраниската комисија за финансирање и буџет рече дека станува збор за преодно решение за продолжување на исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега со траење до март 2023 година. Предвидува сите студенти кои и досега земале и ги исполнуваат условите со сегашното решение да продолжат да земаат 120 денари за студентски оброк до 15 март 2023 година, а потоа да се изгласа ново решение во договор на работната група, рече и додаде дека тоа произлезе од средбата со претставниците на студентските сојузи во Собранието.
Студентите, како што беше посочено, треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.
Во текот на расправата не беа прифатени два амандмани – првиот поднесен од опозицијата, а вториот од пратеникот Павле Трајанов од ДС, со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.
Од опозицијата обвинија дека со новото законско решение се изигруваат студентите со кои на средбите во Собранието било договорено, како што кажаа, субвенционираниот студентски оброк да биде 140 денари. Порачаа дека нивното амандманско решение претставува барање на студентите и оти тоа претставува само вклучување на инфлацијата од 30 отсто која ја има во прехранбениот сектор во сумата која и досега се исплаќаше.
Собранието на Македонија денеска ќе го одржи и продолжението на седниците 73 и 79.
На продолжението на 73-та седница на дневен ред меѓудругото се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлог на закон за ратификација на Конвенцијата за договорите за избор на надлежен суд, Предлог на закон за изменување на Законот за платите на судиите, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, по скратена постапка.
На истата седница се очекува да бидат разгледани Предлог на закон за изменување на Законот за сигурност во железничкиот систем, по скратена постапка, како и Предлог на закон за задолжување на Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад, по скратена постапка.
На продолжението на 79. седница се Предлог на закон за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за основање Културно -информативни центри во Белград и во Скопје.
На седницата ќе бидат разгледан и Предлог на закон за ратификација на Договорот за партнерство помеѓу Македонија, претставена од Министерството за локална самоуправа како партнер и Косово, претставена од Министерството за администрација на локална самоуправа како партнер–лидер за управување со грант Договорот за техничка помош 2019/410-322, под програмата ИПА Македонија–Косово 2014/2020. н
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.