Денес на Комисијата за финансирање и буџет ќе се разгледува Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста за 2021 година на јавна здравствена установа универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.

„Ова е прв пат во историјата на Собранието на Република Македонија да биде разгледуван поединечен ревизорски извештај. Од извештајот гледаме дека Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.

Од ревизорскиот извештај можеме да констатираме огромни пропусти во работењето на раководството на клиниката. Одговорни лица на клиниката во 2021 година се д-р Никола Васев, кој е в.д. медицински директор од јуни 2017 година и Нехат Нухи, кој е организациски директор од јуни 2021 година“, вели Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не може да се амнестираат ниту министрите за здравство во тие периоди бидејќи и тие имаат клучна одговорност во дизајнирање на систем на функционирање помеѓу Министерството, Фондот и Јавните здравствени установи.

Нивна е одговорноста за дизајнирање, имплементирање и одржување на интерната контрола, како и спроведување на активности, финансиски трансакции и информации во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Во овој ревизорски извештај се наоѓа потврда за системскиот криминал на Клиниката за радиотерапија и онкологија и затоа ќе ви прочитам еден извадок од ревизорскиот извештај.

„Клиниката нема донесено пишана процедура за процесот на прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихата на лекови и медицински потрошен материјал во рамките на аптеката и секоја организациона единица одделно. Работењето во оваа област се одвива согласно воспоставена пракса, а месечните извештаи врз основа на кои се евидентира потрошокот на залихите не се соодветно архивирани, потпишани и одобрени од страна на одговорните лица на организационите единици.“

Дополнително сакаме да потенцираме дека во текот на 2016 година Министерството за здравство набавило линеарен акцелератор во вредност од 1,7 милиони евра кој до денес не е ставен во употреба. Како резултат на неговото некористење истечен е гарантниот рок и не може да се даде понуда колку би чинело негово инсталирање и пуштање во употреба“, изјави Стојаноски.

„За крај само сакам да истакнам дека раководството на Клиниката за радиотерапија и онкологија воопшто немало коментари и забелешки на овој ревизорски извештај што укажува на можна политичка заштита од врвот на извршната власт.

Состојбите на клиниката за радиотерапија и онкологија се алармантни и повеќе од загрижувачки. Овој извештај преставува крунски доказ за случувањата во клиниката.

На денешната седница на комисијата за финансирање и буџет повикан е и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој ќе треба да одговори како е можно да има волку големи прекршувања, а тие се’уште да немаат покренато обвиненија. До нас има информации дека Државниот завод за ревизија го има пратено ревизорскиот извештај и до јавното обвинителство уште во март оваа година. Дали доколку медиумите не објавеа дека биолошка терапија е продавана во Косово, јавното обвинителство ќе почнеше истрага за работењето на клиниката?

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во текот на наредните неколку денови ќе го прашува државниот ревизор подетално да ни ги опише случувањата во Клиниката за радиотерапија и онкологија со цел добивање на дополнителни информации кои ќе бидат искористени од Анкетната комисија со цел побрзо расветлување на овој грозоморен чин.

На крајот ќе предложиме заклучоци за брзо надминување на пропустите, а од државниот обвинител ќе побараме истрагата да се интензивира и во најбрз можен рок да се покрене обвинение за овие грозоморни случувања“, додаде Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.