Железничкиот сообраќај е во кома, ама месечно за плати на директорите и на нивните советници се двојат над 800.000 денари! Десет милиони денари годишно земаат директорите и нивните советници за работниците да немаат плата, а за линијата Битола – Скопје да се вози и да се чека воз над 10 часа, ако воопшто стигне возот, рече денеска на прес конференција Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Македонски железници, акционерско друштво во државна сопственост, е дел од колачот за делење менаџерски позиции и за високи директорски плати.
Тој вели дека во Македонски железници има седум директорски позиции со плати над 70.000 денари, без додатоци. И сите седуммина се членови на Управниот одбор на Железници.
– Саша Јовановски, директор на патнички сообраќај член на Управен одбор на МЖ транспорт АД – Скопје, со плата над 70.000 денари. Милчо Смилевски, директор на товарен сообраќај и член на Управниот одбор на МЖ, со плата над 72.000 денари. Брахим Ајваз, директор на маркетинг и продажба и член на Управен одбор на Железници, плата над 72.000 денари. Сашко Ангеловски, директор за влеча и одржување возни средства и член на Управен одбор на Железници, плата над 70.000 денари. Шенур Османи, директор за финансиски и економски работи и член на УО на Железници, плата над 70.000 денари. Местото директор за правни работи и човечки ресурси и секако член на УО, во моментов е испразнето, а е позиција, со плата над 70.000 денари. И секако на крај, Мајан Вејсели, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Железници, со плата околу 75.000 денари – рече Стоилковски продолжувајќи ја со овие податоци аферата „Паразити“.
Тој вели дека во Македонски железници биле ангажирани и петмина платени советници со позиција со „коефициент 8“, односно со плати над 60.000 денари.
Македонската железница е во кома, Македонија е железнички изолирана држава, домашниот сообраќај до Кичево или до Кочани е укинат, а релацијата Скопје – Битола трае по 10 часа, ако патниците воопшто ја имаат среќата да стигнат до дестинацијата или пак да го дочекаат возот, ама пак затоа пари мора да се има за директорите – рече Стоилковски.
Тој вели дека Македонски железници е еден од најголемите загубари во државата, со долг од над 67 милиони евра. Во пет години има сменето шестмина генерални директори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.