Партијата на Македонците во Албанија бара да се продолжи Пописот на населението во Албанија во Мала Преспа, односно во деловите каде што живее македонско население. Пописот во Албанија завршува на 15 ноември, а во Мала Преспа заврши пред две недели, вели Васил Стерјовски, кој денеска беше на Семакедонската средба во Штип, организирана од Здружението „Мирка Гинова“-Штип. Стерјовски рече дека неколкупати и официјално реагирале до премиерот Еди Рама и Владата на Албанија.

-Укажавме на сите притисоци кои се прават од страна на Бугарија и тоа што Албанија фктички даде слободен простор  да го спроведе Бугарија, а не Албанија. Ние реагиравме на сето ова. Запознаена е албанската влада во текот на самиот процес, затоа што работите ги следевме секој ден на терен. Притисок, закана, мешање од самите структури на албанската држава, било тоа да се Бугарската амбасада во Албанија, но и други структури што работат за Албанија, за да ги натерат Македонците да се попишат Бугари, вели Стерјовски.

Посочува дека сите регистрирани неправилности ги имаат доставено до Владата на Албанија и до сите странски амбасади во земјата. Но, според него, Владата на Албанија до овој момент нема преземено никакви мерки на укажувањето дека Бугарија преку Пописот во деловите каде живеат Македонци во Албанија директно се има замешано во внатрешните работи и на самиот процес на Попис на население во оваа земја, како и дека нема одговорено на барањата на Македонците во Албанија.

-Бугарите на дневна основа знаеја кој како се попишува во нашите региони, така што ние на крајот на самиот процес, официјално како политичка партија на Македонците во Албанија „Македонска алијанса за Европска интеграција“ ќе излеземе со официјален извештај и ќе ги објавиме јавно, вели Стерјовски.

Тој истакна дека Пописот во Мала Преспа траел шест недели, но како што вели, реално, на терен се попишувало вкупно три недели.

-Во последните три недели од официјалниот Попис не се попишуваа жителите, кои физички живеат таму, кај нас проблем е тоа што сме пограничен регион со Македонија и Грција и повеќето од луѓето својата егзистенција ја обезбедуваат со сезонска работа било во Грција, било во Македонија. На граница ако одите секој ден 400 до 500 лица влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи е бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не се попишани. Значи доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш имаме реагирано, од кога се случи овој проблем. Од Тирана бараа да се попишаат, но проблем се случуваше што пописните комисии, попишувачите не ги попишуваа и тука се сомневаме дека е директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал број вкупно население во Мала Преспа, но и на Македонци, вели Стерјовски.

Тој посочи дека како партија имаат повеќе барања, а Владата на Албанија ветила дека ќе се продолжи рокот на попишување на населението во Мала Преспа, но се уште немаат добиено ништо официјално. Се сомневаат дека можеби станува збор и за стратегија на Албанија со којашто би се укинала општината, со образложение дека нема доволно жители и дополнително е и, како што вели, играта на Бугарија.

-Дали е и плус игра на Бугарија да има што помалку Македонци да се декларираат, бидејќи кај нас, посебно во Мала Преспа, Бугарија по сите притисоци што ги правеше не можеше да извади Бугари и тоа им беше голем проблем. Затоа единствен начин е да влијаеше до нивните структури во албанската држава со попишувачите и Заводот за статистика на Албанија, вели Стерјовски.

Прашан каков бил притисокот на Бугарија при Пописот во Албанија, Стерјовски со одговор дека тие и пред самиот Попис реагирале и сметале дека притисок се прави на населението кое има аплицирано за бугарски пасоши, со цел да работи во земјите од ЕУ.

-Со самиот процес на Пописот Бугарскиот амбасадор почна да доаѓа во нашите региони, било во делот на Гора, Голо Брдо, на Преспа да ги убедува луѓето да се пишат Бугари. Сите што имаат аплицирано за бугарски пасоши им се јавуваа од бугарска Амбасада дека мора да се пишат Бугари во спротивно нема да земат бугарски пасош, а тие бугарски пасоши не се бесплатни, тоа се неколку илјади евра за едно семејство за таков пасош. Постоеше реално тој притисок, вели Серјовски.

Тој додаде дека сите овие притисоци и закани ги имаат објавено и официјално, а на самиот старт на Пописот од Владата на Албанија побарано е да се забрани доаѓањето на бугарскиот амбасадор во регионите каде што живеат Македонците, бидејќи се прекршува и Виенската конвенција, како се однесува еден дипломат, кој се меша во внатрешните работи и врши директен притисок на Пописот во Албанија. Стерјовски истакна дека на Пописот секој граѓанин треба слободно да се изјасни како се чувствува. Тој додаде дека последната недела албанските медиуми информираат за загриженоста и барањата на Македонците во Албанија.

На денешната Семакедонската средба во Штип, присуствуваше и Кирил Иванов од ОМО Илинден, кој најави дека ќе отвори македонски клуб, како што рече, во неговата гаража, а посочи дека го чекаат исходот од тужбите во Судот за човекови права во Стразбур. Иванов забележува дека, како што вели, Бугарија не признава Македонци во нивната држава и оти по исходот на овие тужби ништо не се менува, туку само ги плаќа казните.

Трајче Димков од Здружението „Мирка Гинова“-Штип вели дека ова е традиционална средба, со цел да им се даде поддршка на сите Македонци кои живеат надвор од земјава.

Во рамките на средбата имаше и изложба на документи и сведоштва на Македонците кои живеат во Албанија, но и за постоењето на македонската нација. Користени се архиви и документи од САД, Аргентина, Австралија, Франција и од Италија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.