Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес оствари средба со новименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија, Кристоф Ле Риголер; на која беа разгледани бројни аспекти на билатералната соработка, со акцент на развојните проекти, европските интеграции и инструментите за поддршка на реформските процеси.
Министерот Муртезани потврди дека земјата останува цврсто на стратешката опредлеба за членство во Унијата и спорведување на сите неопходни реформи особено во областите на владеење на правото, реформите на правосудниот сектор, борбата против корупцијата и организираниот криминал итн., особенo ако се има предвид фактот дека согласно новата методолгија за пристапни преговори напредокот во овие реформи ќе ја диктира динамиката на целиот преговорачки процес,
На средбата беше потврдена силната поддршка од Франција за евроинтегративните напори на Македонија, особено преку програмите за билатерална соработка и развојни проекти. Министерот Муртезани посочи дека Француската агенција за развој (AFD), веќе присутна во земјата, игра клучна улога во поддршката на приоритетни инвестиции, особено во склоп нa Инвестициската рамка и Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, кој го отвора патот за нови инфраструктурни и енергетски проекти.
Двете страни изразија надеж за продлабочување на билатералната развојна соработка по потпишувањето и ратификувањето на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Француската Република за основање на Француската развојна агенција, PROPARKO и Expertise France во земјата. Оваа спогодба отвора нови можности за заеднички проекти и дополнителна техничка поддршка во рамките на националните развојни приоритети.
Во однос на програмите за техничка поддршка, Муртезани и Ле Риголер се согласија за продолжување на соработката преку ИПА инструментите, како што се TAIEX и TWINNING проектите. Во тој контекст, министерот Муртезани изрази благодарност за активната француска помош, како водечки партнер во неколку проекти поврзани со реформите на јавната администрација, зајакнувањето на демократијата и заштитата на основните права, како и развојот на образовни програми за возрасни. Тој оцени дека е особено значајно учеството на Франција во трите тековни TWINNING проекти во Македонија, каде што ја демонстрира својата стручност и посветеност за успешно спроведување на реформите.
Муртезани и Ле Риголер разговараа и за вклучувањето на Македонија како дел од географските приоритети на Франција во рамките на нејзината Евроазиска регионална стратегија 2020-2024, која се фокусира на приоритети како отпорност и урбана адаптација, поддршка на енергетската транзиција, како и создавање одржливи и инклузивни економски и политички модели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.