Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во рамките на официјалната посета на Приштина, Република Косово денеска оствари средба со министерката за индустрија, претриемништво и трговија Розета Хајдари.

Главна тема на средбата помеѓу двајцата министри беше продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

Министерот Дурмиши истакна дека фокусот на Министерството за економија и труд сега ќе биде креирање на конкретни мерки и политики за зголемување на конкурентноста на домашните компании не само на македонскиот пазар, туку и во регионот.

Министерот на средбата потенцираше дека унапредувањето на регионалната соработка е врвен приоритет на Владата, со главна цел подобрување на животниот стандард на граѓаните во Македонија и во регионот.

Од исклучителна важност за земјите од Западен Балкан, како што потенцираше министерот е да се креираат заеднички мерки се со цел подобрување на деловната клима и конкурентноста на заедничкиот европски пазар.

Министерот Дурмиши на состанокот со министерката Хајдари нотираше дека преку „Берлинскиот процес“, во кој учествуваат земјите од Западен Балкан направени се сериозни чекори со кои се унапредува дијалогот помеѓу Владите, но и претставниците на бизнис заедницата.

Започнати се реформите со кои сите земји од Западен Балкан ќе се доближат до членството во Европската Унија.

Косово е значаен трговски партнер на Република Македонија. По обемот на трговска размена, Косово е секогаш во првите дваесет најголеми трговски партнери, со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена, додека во извозот е секогаш во првите пет најголеми трговски партнери.

Двајцата министери заклучија дека економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Косово, како две соседни и пријателски земји, има сериозен потенцијал да се продлабочува уште повеќе.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.