Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа средба со заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Јевген Перебијнис, кој деновиве е во посета на земјите од регионот. Вицепремиерката Грковска изрази поддршка за украинските граѓани во справувањето со руската воена агресија врз Украина и борбата за зачувување на територијалниот интегритет на државата. Таа нагласи дека Украина е пријателска земја која секогаш може да смета на поддршката од Македонија.
Заменик-министерот Перебијнис се заблагодари за постојаната поддршка од нашата земја, која ја сметаат за клучен партнер од Западен Балкан, истакнувајќи дека за нив е непроценлива помошта во воена опрема, приклучувањето на нашата држава кон санкциите за Русија и поддршката за евроатланските аспирации на Украина. Перебијнис истакна дека Украинците не се борат само за својата земја, туку и за заедничките вредности и безбедноста на цела Европа.
Иако главната цел на Украина во моментов е победа над агресорот, Перебијнис нагласи дека зачленувањето во Европската Унија е дел од врвните приоритети на неговата држава и истакна дека интегративниот процес е уште една можност за јакнење на соработката меѓу двете земји. Во таа насока, на состанокот беа споделени искуства околу исполнувањето на европските критериуми за членство и реформите кои целат кон подобар стандард за сите граѓани и за целото општество. Вицепремиерката Грковска информираше за политиките за добро владеење кои ги спроведува кабинетот со кој раководи и му честиташе на украинскиот владин претставник за тоа што во време на војна земјата успеа да воспостави посебни институции за борба со корупцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.