Судскиот совет вчера на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека прашањето, кое сериозно треба да се разгледа во овој случај е зошто е одлучено Рамадани да биде во домашен притвор и додаде дека токму поради ваквите случувања во правосудството довербата во него е мошне мала. Опозициската СДСМ, пак, одговорноста ја бара кај МВР и министерот Панче Тошковски и смета дека тие „несмасно спинуваат дека судот е крив“.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера на почетокот на 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.

Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, изјави Дамева.

Комисијата е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.

Министерот за правда Игор Филков, пак, смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.

Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата. Го повикувам Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање со цел  во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации, изјави Филков за Канал 5.

Премиерот Мицкоски вчера истакна дека случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива два проценти доверба кај граѓаните и како што рече, се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава.

 

Во однос на тоа дали има информации каде се наоѓа Рамадани, Мицкоски вели дека „не е прашањето каде е тој, туку зошто е одлучено да биде во домашен притвор“ и дека тоа е „ прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува“.

Прашан дали стапил во контакт со српските власти за Рамадани, како што побарале Мицкоски повика да не се дозволи „нашите соседи да покажуваат мускули кај нас“, порачувајќи дека „пред никого не поднесува објаснувања“.

Така што, ве молам да не дозволиме, повторно апелирам нашите соседи да покажуваат мускули кај нас. Инаку, јас пред никого не поднесувам објаснувања, можеби еден ден пред еден којшто никој не го гледа, истакна Мицкоски.

Опозициската СДСМ преку соопштение истакна дека Рамадани е на Косово и за тоа смета дека е одговорен министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Додека Тошковски и МВР се обидуваат несмасно да спинуваат дека судот е крив за бегството на Блерим Рамадани, тој веќе е на Косово. Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму? Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализиран од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?, истакна СДСМ.

 

ВМРО-ДПМНЕ, пак преку соопштение нагласи дека е јасно дека Рамадани е пуштен во домашен притвор, од каде избега од истите судии „кои со години му слугуваат и го штитат криминалот на СДС и ДУИ“.

Зошто не реагира Судскиот совет на ваквата одлука на судиите? Затоа ли СДС и ДУИ се против распуштање на Судскиот совет и реформи во судството? Да потсетиме дека ова не е прв случај да се пуштаат на слобода вакви лица. Во 2019 година на слобода е пуштен и Косоварот Томор Морина кој на Косово го пречекаа со музика, од истите судии и спрега која ја контролира СДС и ДУИ, нагласи владејачката партија.

Од ДУИ, пак, со оценка дека пропаднал планот на Вучиќ и моноетничката влада за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, кој е прогонуван по налог на српската влада, а беше уапсен во Скопје.

Меџити и Таравари, губитниците на изборите и омилени вазали на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја албанската јавност, се наведува во соопштението на ДУИ.

Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 9 август Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани, со тоа што му беше наложено да остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд.

Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.