Министерот за внатрешни работи и член на Централен одбор на СДСМ Оливер Спасовски од Тетово порача дека владиниот состав ќе опстои до предвидениот мандат до 2024 година. Тоа е и негов одговор на новинарско прашање за коментар на новинарски текст во кој се пишува дека се подготвува промена на премиерот и составот на Владата.

-Не сакам да коментирам некои објави кои што се или средби наводни на кои што јас не сум присуствувал. Сакам децидно да кажам дека оваа Влада ќе опстои до крајот на мандатот 2024 година. Лично јас како човек кој долги години е во СДСМ и на силни и високи позиции ќе направам се, да се сочува единството во партијата, да зајакне партијата, и повторно промовирајќи ги тие вредности за кои што се залагавме во целиот овој период, да продолжиме напорно да работиме за реализација на значајни стратешки цели. Шпекулации, односно било какви тврдење кои се изнесуваат од наводни средби на кои што јас не сум присуствувал воопшто не сакам да коментирам, рече Спасовски од тетовско Сараќино каде присуствуваше на пуштање во употреба на локален пат.

Спасовски на новинарско прашање за откривање на лажните закани за поставени бомби рече дека има стратегија за кибер-безбедност, која предвидува детално на неколку нивоа кои ќе значат поголема сајбер безбедност.

-Агенцијата за електронски комуникации има посебен тим, посебен дел кој се занимава со сајбер безбедност. Едно треба да знаеме сите. Безбедноста не е ниту еден човек, ниту една институција, безбедноста сме сите ние. И колку повеќе ќе се подготвиме сите заедно, зборувам за институциите на системот и од аспект на материјално-технички средства и од аспект на човечки ресурси, толку поотпорни ќе бидеме на сите овие напади и сајбер закани кои ние заеднички ги добиваме. Генерално не само кај нас, во овие последни години во кои многу повеќе се посветува вниманието на сајбер криминал и сајбер безбедност заради тоа што се увиде дека овие сајбер напади можат да бидат многу поопасни и со многу поголема разорна моќ отколку и конвенционалните, истакна Спасовски.

Тој истакна дека максималните напори ќе резултитраат со создавање на еден систем на заштита од сајбер напади.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.