Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ извршија увид во градежните активности на новиот објект – Полициската станица од општа надлежност Аеродром, во рамки на СВР Скопје, каде што пред три и пол месеци официјално започна изградбата на локацијата на старата барака која што беше со висок степен на амортизираност и лоши услови за работа.

Од состојбата на терен беше истакнато дека активностите напредуваат со одлична динамика, односно се во далеку понапредна фаза од предвидената, а министерот Спасовски ги претстави деталите од проектот.

„Оваа станица ќе биде една од најголемите и ќе покрива подрачје со најголем број жители во главниот град на државата. Според проектот, новата полициска станица е предвидено да биде изведена на површина од 3.500 квадратни метри, и ќе претставува нов модерен објект според највисоките стандарди на полициско работење, што ќе соодветствува и на потребите на жителите на Аеродром. За првпат по повеќе децении, оваа Влада ги реализира потребите на граѓаните од овој дел на Скопје – да добијат услови и услуги какви што ги заслужува секој граѓанин. Новиот објект, со вкупна вредност од околу 130 милиони денари со вклучено ДДВ, предвидени од буџетот на Република Македонија, според предвидените рокови за изградба, треба да е готов најдоцна до крајот на 2025 година, а претставува продолжување на концептот „Сината униформа дејствува за зелена околина“, односно е во согласност со стандардите за енергетска ефикасност“, истакна Спасовски.

Заменик министерката Аврамовска-Мадиќ се осврна на меѓусебната соработка помеѓу Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи која е зајакната во насока на поттикнување и афирмирање на сите области кои се од заеднички интерес.

„Министерството за внатрешни работи, посебно во периодот на овој министер, министерот Спасовски, посебно покажа, се вложи, поттикна и помага во борбата против корупцијата, афирмира одредени наши процеси, исто така, ни помага многу со асистенцијата со Управата за извршување санкции, поддршката за јавното обвинителство согласно своите надлежности. Следни процеси коишто ќе ги преземат овие две министерства се унапредување на дигитализацијата помеѓу МВР и другите правосудни органи, како судовите, за размена на информации за да можат граѓаните побрзо и полесно да ги остварат своите права во судовите“, подвлече Аврамовска-Мадиќ.

Инаку, новата Полициската станица Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на Министерството за внатрешни работи, по ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп, како и по неодамна промовираната најсовремена Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на  Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР, а по 80-те реновирани енергетски ефикасни објекти на МВР низ државата, во кои се вложени 8 милиони евра, МВР годинава продолжи со уште две крупни реконструкции – на Центарот за обука во Идризово и на Одделот за граѓански работи во МТВ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.