Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од расправата за Предлог-буџетот упатија критики за проекциите и планираните приходи и расходи, забележувајќи дека граѓаните се соочуваат со 20-процентна инфлација, нема доволно инвестиции во енергетиката, а се трошат многу пари за увоз на струја.

За пратенците од власта, пак, буџетот за следната година е одговор на последиците од светската економска криза, нуди поддршка за граѓаните и стопанството, ќе овозможи економски пресврт, развоен е и обезбедува стабилност и економски раст.

Здравко Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Предлог-буџетот за 2023 година е инфлаторен и манипулаторен и нема да донесе ништо ново.

Според него, државата влегува во неликвидност, а намалувањето на јавниот долг со кој се пофали Владата доаѓа од 20 – процентната инфлација.

Да се пофалите со инфлација во најмала рака е несериозно, затоа што сите граѓани во државата се посиромашни за најмалку 20 проценти. Намалена е куповната моќ на граѓаните да функционираат, рече Трајановски.

Во овој буџет, дополни, нема ниту политика за подобрување на студентскиот стандард, да важи студентскиот оброк во тек на цела година. Во МАНУ кратите средства, промашена е политиката и во енергетиката, нема средства за хидроцентрали, за поврзување со гасоводот со Грција, за фотоволтаици, но има сериозни пари за купување скапа берзанска струја,  посочи Трајановски.

И Халил Снопче од Алијанса за Албанците се осврна на растот на инфлацијата и зголемените цени на прехранбените производи. -Ова е невидена инфлација која не кореспондира со реалноста. Има енормно зголемување на цените, на јавниот долг, но каде е концепцијата за елиминарање на овие појави, праша Снопче, критикувајќи ја и состојбата во енергетиката, увозот на струјата и потрошените пари за таа намена.

Последната инвестиција во енергетскиот сектор, посочи, е пред 41 година.

Тој упати забелешка дека во буџетот за следната година нема доволно средства за рамномерен регионален развој. Повикувајќи се на извештајот на ЕК дека Владата нема волја да имплементира добра фискална децентрализација, рече дека не гледа оти се презема нешто за да се смени тоа и повторно се продолжува со дискриминација на регионите, односно нема рамномерен развој.

Според Жаклина Лазаревска од СДСМ,  Предлог буџетот за 2023 година е во насока на надминување на предвизвиците од глобалната економска криза, развоен е и со него на дело се продолжува со грижата за граѓаните и домашната економија.

Се базира, укажа таа, на справување со последиците од кризата и поддршката на најранливите категории граѓани, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на евроинтеграцискиот процес, транспарентност и отчетност.

Во исклучително тешки години, исполнети со здравствени, сигурносни и економско-енергетски предизвици, како владејачко мнозинство вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме макеоднската економија и животниот стандард, но сега врме е да мислиме и на напредок на државата, бидејќи сметаме дека иданата година ќе биде добра, и ќе биде година на надеж и економска пресвртница која почнува токму со овој буџет, рече Лазаревска.

Таа посочи дека се обезбедени 250 милиони евра за дополнителни мерки за помош на граѓаните, за нов раст на мининалната плата и за пензиите, како и 790 милиони евра за капитални инвестиции, нови улици и патишта, градинки, амбуланти,…. а сетоа тоа, потенцираше, ќе го поттикне генералниот економски раст.

Како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, расправата за дополнетиот Предлог буџет за 2023 година ќе продолжи утре во 11 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.