Неколку стотини деца учествуваа на годинешната бадникова поворка низ улиците на Охрид, ден пред големиот христијански празник Божик.
Тие со бадникови гранчиња во рацете и со песна ја донесоа веселата вест за Христовото раѓање.
Поворката тргна во 10:30 часот од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка маала и преку улицата „Јане Сандански“, булеварот „Туристичка“ и низ охридската чаршија во 11:30 часот пристигнаа на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ каде пред бадниковата пештера ги пречека пречека градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој ги даруваше со подароци.
– Ние како локална самоуправа заедно со организаторите на манифестацијата обезбедивме пригодни пакетчиња за сите коледарчиња. Вакви традиционални работи кои го подигнуваат духот на народот сметам дека е добро да се одржуваат и да останат традиција долги, долги години затоа што самтоа не одржало низ вековите, рече Пецаков.
Бадниковата поворка во Охрид се одржува по 11 пат, во оргнизација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид, со поддршка на локалната самоуправа.
– Благодарение на заложбите на нашиот епископ, г-дин Партениј, успеавме да створиме една традиција на бадниковите поворки кои не само во Охрид се прошири низ сите градови на Македонија. Благодарение на децата учесници оваа година добивме и награда за трајни вредности од Агенцијата за верски заедници. Децата нека ни бидат пример за сплотеност, љубов и за соживот, рече Летка Филиповска од организацискиот одбор на бадиковата поворка.
Дечињата од Бадниковите поворки во општините Штип и Карбинци денеска го навестија Христовото раѓање. Во Штип од црквата „Свети Никола“ до Градскиот плоштад „Слобода“ се движеа дечињата носејќи ја пештерката. На плоштадот „Слобода“, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов им се заблагодари што со песна го навестуваат Христoвото раѓање, воедно им подари и пакетчиња.
Милена Ристова-Михајловска координатор на Бадниковите поворки за Брегалничката епархија вели дека седма година по ред низ штипските улици се пееше песната за „Вечниот Бог“, а жолтите ѕвездички како Витлеемската ѕвезда ќе ги упатат до пештерата на раѓањето на Богомладенецот. Нив ги изработуваа околу 80 присутни на четирите креативни работилници кои се одржаа минатиот месец.
Во Општина Карбинци за првпат се организираа Бадникови поворки, таму градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов им подели пакетчиња на бадникарите.
Инаку низ штипските маала и населби од раните утрински часови се слушаат коледарските песни кои ги пеат малите коледарчиња. Домаќинките со колачиња и овошје ги пречекуваат пред своите врати. Вечерва е Бадник, а утре е Божиќ. Во штипско-карбинскиот регион традиција е на Бадник да се меси лебче со паричка, кое заедно со посната храна, меѓу кои и зеленик се принесуваат на Бадниковата вечер, на која се собира семејството.
Децата од Куманово учествуваа во Бадниковата поворка и ја пееја „Вечниот бог“. Со ѕвездички во рацете и пештера се движеа од Соборниот храм „Свети Никола“ по централните градски улици. Нив ги пречека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ги даруваше со бадникови подароци.
-По повод големиот христијанскиот празник Бадник, околу двесте дечиња, чекорејќи во Бадниковата поворка и пеејќи ја Божиќната песна „Вечниот Бог“, денеска ја посетија Општина Куманово, радосно наговестувајќи го Христовото раѓање. Заедно со членови на мојот кабинет ја пречекавме поворката, а на децата им подаривме бадникови пакетчиња, посакувајќи им многу здравје и среќа во Новата 2024 година, рече Димитриевски.
Оливера Трајковска од „Бадникови поворки“ посочи дека годинава и изминатава недела покрај работилниците одржале и мини концерт со детски песнички, а посетиле и нивно другарче со тешкотии во движењето.
– Годинава, Бадник го дочекавме достојно со многу весели детски лица, кои во еден глас ја пее каландата „Вечниот бог“. Куманово достојно го празнува Бадник и Божиќ и догодина се гледаме во уште голема бројка, рече Трајковска.
Годинава, посочи таа, имало околу 400 деца заедно со нивни родители.
Со Бадникова поворка и пеење на песната „Вечниот бог“ денеска беше најавено Христовото раѓање во Кавадарци.
Поворката тргна од црквата „Света “Петка, помина преку централното градско подрачје и стигна до градскиот плоштад. Пред зградата на општината, децата со подароци ги пречека кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Бадник е голем христијански празник. Задоволство е да се види кога од млади години се почитува верата, рече меѓу другото Јанчев.
Свештените лица се осврнаа на значењето на празникот и на тоа како тој правилно да се одбележува.
Коледарски пакетчиња од градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска добија голем број на дечиња кои се дел од Бадниковата поворка.
Како што соопштија од Општината, пеејќи ја „Вечниот Бог“ пред Општина Кисела Вода, носејќи златна ѕвезда, како симбол на Витлеемската ѕвезда, тие го најавија Христовото раѓање.
Ѓорѓиевски ја истакна својата радост што Општина Кисела Вода повторно живее во духот на вистинските вредности и е дел од обележувањето на највеличествениот Бадник во регионот. Бадниковата поворка продолжува кон плоштадот „Македонија“ и на едно место ќе ги собере коледарчињата од сите скопски општини, продолжува кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ каде дечињата ќе имаат прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
-Малите златни ангелчиња утрово во огромен број ме посетија и пеејќи ја „Вечниот Бог” го најавија раѓањето на нашиот Бог Исус Христос а јас, како домаќин и како што доликува на нашата вековна традиција – ги дарував со коледарски пакетчиња. Она што ме прави исклучително горд е што нашата општина повторно живее во духот на вистинските вредности и е дел од обележувањето на највеличествениот Бадник во регионот. Македонија почива на тие вредности, опстојува почитувајќи ја верата и традицијата. Дефинитивно ова се најрадосните деновите кога сите сме сплотени како народ и меѓу нас има добра мисла и подадена рака. Посакувам да трае во текот на целата година! Дечиња, ви благодарам за прекрасното утро!, кажал Ѓоргиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.