Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свеченото одбележување на 73-годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.
Правниот факултет е родно место и дом на правните, политичките и комуниколошките науки. Беше и мој работен и духовен дом четириесетина години.
И кога не сум тука, тој е во моите мисли.
Бројките говорат дека илјадници луѓе поминале дел од својот живот во него: дури 48.000 студенти, 600 магистри, 250 доктори.
Дознав дека денес, во оваа корбизијанска, бруталистичка градба предаваат, истражуваат и творат 73 професори и 4 асистенти.
Македонската политика не може да се замисли без нашиот факултет: на „Јустинијан Први“ дипломирале четири од вкупно шест македонски претседатели, а двајца, колегата Иванов и јас, биле професори. Од Правниот факултет излегле премиери.
Од оваа, за мене, престижна фабрика на знаење се регрутирале најголемиот дел од администрацијата, судиите, вклучувајќи ги и оние од Уставниот суд, јавните обвинители, адвокати, нотари, како дипломирани правници, магистри или доктори.
Мојата фатална врска со правото ја поттикнаа некои врвни професори по право, токму овде. Иво Пухан, кај кого ја добив првата десетка, Славко Милосавлевски, чија еретичка мисла влијаеше врз мојот хабитус, луцидниот Сократовец, Ѓорѓе Марјановиќ, чија десетка ми беше најомилената, мојот професор Владимир Митков и многу многу други, меѓу кои и некои седат и овде, кои ја поттикнаа мојата љубов кон прекрасната професија.
На Правниот факултет поминав немирни, интелектуално богати, инспиративни студентски денови, а мојот професорски живот беше бурен, плоден, компетитивен, иновативен, реформски.
Имам среќа да другарувам со умни, критички настроени, конструктивни, посветени и докажани колешки и колеги кои израснаа во почитувани професорки и професори.
Iusticia беше нашата заштитничка, а nomos-от, logos-от , ethos-от и pathos-от, нашата животна филозофија.
Сократовски ориентирани, уживавме во воспитно-образовната интелектуална игра, заразувајќи ги студентите со вирусот на критичкиот ум, полемиката и непослушноста.
Работата роди вкусни плодови: книги, трудови во престижни часописи и издавачки куќи, забележано учество на меѓународни конференции, вклученост во важни проекти, членство во научни и образовни асоцијации и организации…
Во професорскиот живот се родија здрави односи со студентите, со колешките и со колегите, не само дома, туку и надвор.
Правниот факултет за мене беше и остана престижна високообразовна институција, храм на правото и правдата, ментор на младите научници, родител на политичките науки и комуникологијата, расадник на добри правници, политиколози и комуниколози.
Не дека не се соочуваше со сцили и харибди, со тешки дилеми и предизвици, но многу професори и асистенти беа гласни и јасни во битката за универзитетската автономија, но и во борбата за демократијата и правото.
Седумдесетитригодишната образовно-научна сага е време на раст и зреење, успех и афирмација, стаменост и отпор кон неправдите од различен вид.
За мене, “Iustinianus Primus” остана мојот дом за чие демократско функционирање се борев додека бев тука, а кога заминав, го бранев.
Имав ретка среќа да бидам она што го сакав: страсно вљубена професорка во професијата.
Имав среќа да предавам Уставно право и Политички систем, па дури и да бидам избрана за најинспиративна професорка. Не беше тешко, оти правото и правдата, етиката и моралот беа мојата и вашата водилка, а најголемата инспирација ‒ вие, студентите!
Му посакувам на мојот Факултет да биде витешка образовна и научна арена, а на моите колешки и колеги, подобри од мене и од нас, нивните учители!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.